1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќен поддржувач на македонската црква

9 декември 2009

Најбројната црква во православието, Руската, се нуди да посредува во спорот меѓу МПЦ и СПЦ. Но и покрај поддршката од моќниот сојузник, владиците на МПЦ не очекуваат скорешно решение на спорното прашање.

https://p.dw.com/p/Kxxi
МПЦ: помошта е добредојдена, но не се очекува премногуФотографија: Petr Stojanovski

Руската православна црква е подготвена да посредува во потрагата по решение на македонско-српскиот црковен спор. Со порака за продлабочување на односите помеѓу непризнатата македонска и најбројната црква во православието, Руската, во Скопје по повод големиот верски и државен празник Свети Климент допатува Николај Балашов, втор човек во одделот за надворешни работи на Руската црква.

“Ние сакаме да направиме се‘ што е во наша моќ тие врски уште повеќе да се развиваат меѓу нашите православни односи. Многу сум среќен што сум во Македонија токму на денот на големиот црковен и државен празник Свети Климент Охридски, големиот просветител во православниот свет“, изјави гостинот од Москва.

Понуда за медијаторство?

Црковните аналитичари неговата посета ја толкуваат како понуда за медијаторство. Руската црква е во постојана трка за доминација во православието со Цариградската патријаршија, а на македонската црква и‘ требаат силни сојузници. Поради ова посетата на Балашов е исклучително значајна.

40 Jahre Mazedonische Orthodoxe Kirche
Македонските владициФотографија: DW

Тоа го признава и важноста ја нагласува и поглаварот на МПЦ, г г Стефан.

“Го искажавме ставот на Македонската православна црква дека остануваме на нашето децениско барање да се реши конечно афтокефалниот статус на МПЦ, нешто за кое имаме разбирање од поголемиот број сестрински цркви“.

Без преголеми очекувања

Моќниот поддржувач не е семоќен. Македонските владици не очекуваат скорешно решение на спорот со СПЦ, што претставува пречка за етаблирање на МПЦ во православниот свет.

“Не очекуваме дека тоа ќе се разреши порано отколку што ќе се реши прашањето за името на нашата држава. Прашањето е политичко, името на државата и името на црквата“, изјави владиката Петар.

Руската црква во повеќе наврати се споменува како можен посредник во спорот со СПЦ. Македонската црква е заинтересирана за ова посредништвото, но за таквата можност не се произнесува црковен Белград. Сепак и најголемите песимисти признаваат дека по изборот на нов поглавар на Српската црква односите меѓу двете цркви ќе влезат во нова фаза во потрагата по решение.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска