Моше Кацав на издржување на казната
7 декември 2011Поранешниот израелски претседател рано утрово се појави во затворот во близина на Тел Авив. Пред да влезе во затворот тој рече дека е невин. Според Кацав, тој е жртвуван и покрај тоа што нема вина.
Неговиот случај беше во центарот на вниманието во Израел повеќе од пет години и на крајот заврши со прва пресуда - казна затвор - што некогаш е изречена за функционер од толку висок ранг. Властите велат дека тоа докажува оти никој не е над законот.
Силувања и сексуални напади
Кацав беше претседател на Израел во периодот меѓу 2000. и 2007. година. Тој беше обвинет минатата година за две силувања на помошничка, кога бил министер во доцните 90-ти години на минатиот век, и за сексуален напад врз две други жени, кои работеле за него додека бил претседател.
„Ќе дојде ден кога на виделина ќе излезе вистината“, со грч на лицето рече Кацав, додека се пробиваше меѓу роднините и пријателите пред неговиот дом, за да биде однесен во затвор. „Совеста на оние што ја направија оваа неправда секако ќе се разбуди и ќе видите дека запаливте жив човек“, рече Кацав.
Цимер во затворот му е поранешниот министер за здравство
Казната од седум години затвор стаса во март. Тој се жалеше и постојано негираше дека ги направил делата за кои е осуден, но тројца врховни судии едногласно гласаа минатиот месец против неговата жалба.
„Немам сила да водам правна битка и да докажувам гушкање и бакнување од милост“, рече во една прилика Кацав. Негов цимер може да му биде поранешниот министер за здравство, Шломо Бенизри, кој беше осуден за примање мито.
Кацав е роден во Иран и израсна од дете на сиромашни имигранти во човек кој ја имаше врвната функција во државата. Даде оставка во 2007-ма година.
Автор: Александар Методијев/афп/ртр
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска