1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мост“ евидентира неправилности на гласачките места

К. Блажевска24 март 2013

Граѓанската асоцијација со 3.200 статични набљудувачи предупреди дека на избирачките места се појавуваат лица кои лажно се претставуваат како набљудувачи на „Мост“.

https://p.dw.com/p/183P4
Фотографија: MIA

Според потврдени информации од набљудувачите и регионалните канцеларии на „Мост", забележани се некои неправилности на гласачките места, соопшти оваа граѓанска асоцијација.

„На гласачко место 1917, село Велешта, општина Струга, забележано е групно гласање, семејно гласање и присуство на неовластено лице кое им помага на гласачите зад параванот. По пристигнувањето на полицијата лицето си заминало. На гласачко место 0648 во општина Демир Хисар, дошло до прекин на гласањето бидејќи еден гласач го земал материјалот за гласање, зад параванот ги оштетил ливчињата и со нив го напуштил гласачкото место. Полицијата го пронашла, му ги одземала ливчињата и тие биле вратени во кутијата. Гласањето било во прекин 30 минути. На гласачко место 2731, во општина Аеродром, член на Избирачкиот одбор ставил 4 гласачки ливчиња во чанта, на што реагирал претседателот на ИО. При претресот му биле најдени само 3 ливчиња, била повикана полиција, а по кус прекин гласањето продолжило", соопшти „Мост".

Граѓанската асоцијација која има 3.200 статични набљудувачи на изборите, соопшти и дека е забележано читање на глас на имињата гласачите на гласачки места во општините Центар и Карпош, а на гласачко место 1966, во општина Тетово, била констирана злоупотреба, односно некористење на УВ ламбата во повеќе од 20 случаи. На гласачко место 1584, во општина Радовиш, неовластени лица им сугерирале на избирачите како да гласаат, но по реакција на претставник на политичка партија, тие биле отстранети од страна на полицијата.

„На гласачко место 2860 во Општина Центар, Избирачкиот одбор по грешка му дал на гласачот 2 ливчиња за Советот на Град Скопје. По увидената грешка на гласачот му е наложено едното ливче да го направи неважечко и да го покаже пред ИО. Гласачот одбил да го стори тоа и ги пуштил двете ливчиња во кутијата. На гласачко место 0674 општина Кавадарци, гласач е фатен како го фотографира гласачкото ливче, при што Избирачкиот одбор му ги одзел двете ливчиња и личната карта, а била повикана и полиција. Гласањето продолжило", соопшти „Мост".

Граѓанската асоцијација информира дека е забележана појава на набљудувачи кои се појавуваат на избирачките места само со акредитации од ДИК и се преставуваат како набљудувачи на „Мост".

„Напоменуваме дека на овие избори единствени овластени набљудувачи на „Мост" се оние граѓани кои покрај акредитацијата од ДИК имаат овластување од „Мост" и носат жолта маичка на која пишува „Мониторинг 2013", предупреди Дарко Алексов (фото), претседател на оваа граѓанска асоцијација.