1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мострата започна

1 септември 2005

Во Венеција свечено беше отворено 62-то издание на прочуениот меѓународен филмски фестивал.

https://p.dw.com/p/AeUW
Фотографија: dpa - Bildfunk

На „Мострата“ како што вообичаено се нарекува венецијанскиот филмски фестивал оваа година во конкуренција за наградите ќе бидат прикажани 19 филмови. Инаку публиката на најстариот филмски фестивал во светот ќе може да погледне дури 56 најнови оставрувања во седмата уметност .

На отворањето на Мострата во средата беше прикажан кинескиот филм „Седум меча“ , приказна богата со сцени на борби во традиционалните источни боречки вештини.

Со прикажувањето на „Седум меча“ организаторите на фестивалот упатуваат на вниманието кое оваа година Мострата ќе му го посвети на азискиот филм.

Имено во Венеција ќе биде направена ретроспектива на која ќе бидат одбележани 100 години од кинескиот филм.

Филмскиот фестивал во Венеција ќе му оддаде почит и на легендарниот венецијански љубовник Казанова . Вон конкуренција ќе биде прикажан холивудскиот филм посветен на Казанова, со Хит Леџер во главната улога.

Но во Венеција како што е вообичаено нема да недостасуваат ниту големите холивудски зведи , како на пример Расел Кроу , Рене Зелвегер или пак на пример Џорџ Клуни.

Последниот доаѓа во Венеција како директор и актер со својот најнов филм „Добра ноќ и со среќа“ за да се натпреварува за главната награда „Златниот Лав“ која ќе биде доделена за десетина денови.

Филмот е снимен во црно-бела техника , со што автентично ја доловува атмосферата во САД во мрачните 50-години и ловот на вештерки кој го спроведуваше озлогласената комисија на сенаторот Џозеф Меккарти.

Цал на оваа комисија беше пронаоѓање етикетирање и дискредитирање на сите оние врз кои ќе беше фрлен најмал сомнеж дека се комунисти. Голем број меѓу оние кои страдаа во хајката на Меккарти, беа и познати филмски работници од Холивуд.

Покрај Џорџ Клуни во филмот настапуваат Роберт Дауни Џуниор и Дејвид Стратерн.