1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монт Еверест: Бизнисот цути, со споредни дејства

Штефан Нестлер/ Жана Ацеска29 мај 2013

На 29 мај 1953 година Едмунд Хилари и Тензинг Норгеи за првпат се искачија на највисокиот врв на Земјата. 60 години подоцна, Монт Еверест е масовна цел на планинарите.

https://p.dw.com/p/18g57
Фотографија: DW/S. Nestler

Пионерите од тогашните времиња веќе не се меѓу живите. Со Џорџ Лоу од Нов Зеланд, кој почина пред неколку недели на 89-годишна возраст, го снема и последниот планинар од успешната британска експедиција од 1953 година. Лоу беше првиот кој им честиташе на првите освојувачи на Монт Еверест, Едмунд Хилари и Тензинг Норгеј на платото на висина од 8 илјади метри.

„Џорџ, го совладавме чудовиштето“, биле првите зборови на Хилари до неговиот новозеландски пријател.

Веста за успешното искачување на планинскиот врв во Лондон стигна на 1 јуни 1953, точно на церемонијата на крунисувањето на кралицата Елизабета Втора. Британците двојно славеа. Монархијата подоцна им додели титули на Хилари и раководителот на експедицијата, Џон Хант. За шерпасот Тензинг Норгеј имаше само „Орден Џорџ“, второ по големина цивилно одликување на Велика Британија. Шерпасот Норгеј почина во 1986 година со 71 година, а сер Едмунд Хилари во 2008, на возраст од 88 години.

Sardar Tenzing Norgay und Edmund Hillary
Историска фотографија: Едмунд Хилари и Тензинг НоргејФотографија: picture-alliance/AP Photo

Ултимативна цел на туристите-авантуристи

Новозеландскиот планинар Хилари ја доживеа комерцијализацијата на планинарењето на Монт Еверест. Во меѓувреме, највисокиот планински врв е совладан веќе над шест илјади пати.

„Тоа се луѓе кои малку разбираат од планинарење, на кои им е сеедно за планината. Се‘ што сакаат, е да стават нога на врвот, да се вратат дома и да се пофалат со тоа“, изјави Хилари.

Заедно со Рајнхолд Меснер од Јужен Тирол, Хилари инсистираше кај владата на Непал да го ограничи бројот на планинари на Монт Еверест. Но, двајцата планинари-пионери наидоа на глуви уши. Туризмот поврзан со Монт Еверест е најголемиот извор на приходи на Непал. Само од експедициите во 2012 година во непалската економија се влеале околу 11,6 милиони долари, проценува Анг Черинг Шерпа. Долгогодишниот претседател на Непалскиот планинарски сојуз и самиот е успешен претприемач како организатор на експедиции. „Монт Еверест го доведе Непал на светската карта како ултимативна цел на авантуристичките туристи“, вели 56-годишниот.

Japan Yuichiro Miura 80 besteigt Mount Everest Archivbild 22.03.2013
Јапонецот Јуихиро Муира на 80 години стигна на ЕверестФотографија: Toru Yamanaka/AFP/Getty Images

80-годишен на врвот

Од година во година повеќе стотици планинари и бројни шерпаси престојуваа во двата базни логори на тибетската северна и непалската јужна страна на Монт Еверест. Шерпасите поставуваат на двете вообичаени рути фиксни сајли до 8850 метри високиот врв. На нив потоа можат да се приклучат планинарите со плаќање одредена цена. На помалку временски убавите денови на подножјето се собира долга редица на оние кои чекаат за искачување. Оваа пролет се најавени повеќе од 600 планинари. Јапонецот Јуихиро Миура беше првиот 80-годишник кој се искачи на највисокиот врв на светот. На 788 метри со хеликоптер беше спасен еден планинар, што е рекордно висока спасувачка акција од овој вид. Оваа пролет девет луѓе ја платија со живот својата авантура на Монт Еверест, поради болест, слабост или поради пад.

Меснер: Банална планина

„Еверест стана банална планина. Тоа веќе нема никаква врска со класичен алпинизам. Луѓето не се искачуваат на Еверест од мое и времето на Хилари. Тие се искачуваат на друга планина, иако геолошки, таа е истата“, вели Рајхолд Меснер, кој во 1978 година заедно со Австриецот Петер Хабелер првпат се искачи без маска за дишење и во 1980. година на врвот првпат стигна сам.

Reinhold Messner bei Maischberger
Алпинистот Рајнхолд МеснерФотографија: picture-alliance/ Sven Simon

Многу планинари ентузијасти во меѓувреме го заобиколуваат Монт Еверест.

„Во 2012. година бев на Нуптсе (планински врв висок 7861 метар покрај Еверест, н.з.) и видов што се случува на Монт Еверест“, вели Австријката Герлинде Калтенбрунер, првата жена која ги има совладано сите осум врвови над осум илјади метри без маска за дишење.

„Тоа ме преокупираше, зашто ме болеше она што го гледав таму. Таа планина не го заслужи тоа“.

Напад на шерпасите

На Италијанецот Симоне Моро и Швајцарецот Ули Штек на крајот на април драстично им беше пред очи дека врвните планинари на Еверест се речиси непожелни. Бидејќи при искачувањето одрониле мразулци, кои наводно повредиле шерпас, биле жестоко вербално нападнати заедно со нивниот фотограф Џонатан Грифит. Кога подоцна се вратиле во висинскиот логор подолу, биле физички нападнати од повеќе шерпаси, кои вооружени со камења, им се заканувале со смрт.

„Тоа беа најтешките моменти во мојот живот, бев помирен со се‘, немаше излез, бев беспомошен“, изјави Штек во едно интервју.

„Многу шерпаси во нас гледаат паразити, кои доаѓаат на нивната планина без да го зголемат профитот. Во иднина ќе има уште повеќе планинари кои ќе имаат незгоди со шерпасите“.