1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монти сака повторно да биде шеф на владата

СН/ЖА/дпа/ртр29 декември 2012

Италијанскиот премиер во оставка Марио Монти најави дека ќе предводи коалиција на партии од центарот во предизборната трка во обид да си обезбеди втор мандат на премиерската функција.

https://p.dw.com/p/17B0h
Фотографија: Reuters

На набрзина свиканата прес-конференци во Рим, премиерот на Италија во оставка Марио Монти најави дека на парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 и на 25 февруари наредната година има намера да предводи група партии кои ја поддржуваат неговата проевропска реформска агенда. Со ваквата одлука Монти автоматски е кандидат на оваа центристичка коалиција за шеф на владата. За функцијата кандидатури истакнаа и поранешниот премиер Силвио Берлускони од десно-центристичкиот блок како и лидерот на Демократската партија (ПД) Пјер Луиѓи Берсани, кој предводи коалиција на левиот центар. 69-годишниот Марио Монти не мора да се кандидира за пратеничко место во парламентот, со оглед дека тој како доживотен сенатор веќе има мандат во дводомниот италијански парламент.

Професорот по економија, пред се’ во странство важи за гарант за спроведувањето на курсот на штедење во од криза погодената Италија. Тој на почетокот на неделава на интернет објави стратегија за надминување на должничката криза наречена „Агенда Монти“.

Документот на 25 страници предлага мерки за санација на буџетот, како и структурни реформи. Од 2015 година задолжувањето треба да се намали за пет проценти годишно, ветува Монти. Целта е да се намалат долговите од актуелните околу 125 на 60 проценти од стопанскиот учинок на земјата. Освен ова, Монти, според сопствени наводи, има намера засилено да се бори против корупцијата и да се погрижи за тоа повеќе жени и пред се’ младите невработени повторно да најдат вработување.