1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можни се важни одлуки за Македонија за време на ирското претседателство

Тони Гламчевски16 јануари 2013

Проширувањето е дел од приоритетите на ирското претседателство со ЕУ, истакна пред Европскиот парламент премиерот на Ирска Енди Кени, претставувајќи ги официјално пред европските пратеници.

https://p.dw.com/p/17Ksr
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Можни се важни одлуки за Поранешната Југословенска Република Македонија, Србија, Албанија и Косово“, истакна Кени, според кого ирското претседателство ќе води „кредибилна политика на проширување“.

„Еден од најважните денови во историјата на ЕУ е 1 мај 2004 кога ирското претседателство ги пречека 10-те нови земји членки на ЕУ“, нагласи ирскиот премиер.

„Ние ќе ја пречекаме Хрватска како членка на 1 јули годинава. За сите земји кои се ангажирани во процесот на преговори за членство и се наоѓаат во разни фази од преговорите, тие и ние имаме многу нешта за работа“ , нагласи Кени.

ЕУ инсистира да се реши конфликтот меѓу власта и опозицијата

Во дискусијата која следуваше проширувањето не беше третирано од европратениците, многу повеќе концентрирани врз економската криза со која се соочува ЕУ. Повеќе за тоа што може да се очекува од ирското претседателство во однос на Македонија, побаравме од неколку европратеници.

„Се‘ зависи од начинот на кој ќе бидат решени проблемите и конфликтите во Македонија“, изјави за ДВ Јоханес Свобода, претседателот на Групата на социјалистите и демократите.

Europäisches Parlament Hannes Swoboda Österreich
Јоханес СвободаФотографија: picture alliance/dpa

„Тоа сега е прашање меѓу две партии во голем конфликт во Парламентот, бидејќи знаете дека не прифаќаме почеток на преговори со земји во кои постои силна политичка поделеност меѓу партиите од владината коалиција и опозицијата. Потребно е да се промени ова и да се најде компромис и заедничка позиција на двете најголеми парламентарни групи во Македонија.“, нагласи Свобода.

„Засега сите претставници на ЕУ бараат од двете страни да пронајдат решение, јас лично телефонски ќе раговарам со Црвенковски, но не можеме да најдеме решение однадвор. Потребно е да се убедат двете страни да најдат решние и да создадат услови опозицијата да се врати во парламентот“, констатира австрискиот европратеник.

Во однос на проблемот со името, Свобода додава: „Прашањето за името останува и понатаму, но гледам дека започнаа дискусии со владата од Атина. Изгледа дека може да има компромис што би бил прифатен од Атина и Скопје. Но ако има конфликт меѓу владата и опозицијата со барање за избори, сигурно дека не може да се преговара искрено,“ завршува Свобода.

Надеж во скоро почнување преговори на Македонија со ЕУ

Греам Ватсон од групата на европските либерали и демократи, изразува надеж дека Македонија ќе добие датум за преговори во текот на ирското претседателство, тоа би било и историска случајност, ако се знае дека Македонија кандидатурата ја предаде под ирското претседателство.

Graham Watson Präsident der eldr-Gruppe im EP
Греам ВатсонФотографија: presse

„Силно се надевам дека Македонија ќе започне преговори за време на ирското претседателство. Македонија е клучна за ЕУ и ние треба да продолжиме со проширувањето. Работиме многу со владата од земјата и се надевам дека ќе има многу појасна перспектива за Македонија на крајот од ирското претседателство“.

Поранешниот претседател на групата на европските либерали во ЕП исто така смета дека на Македонија сега и‘ е потребен и внатрешен компромис.

„Потребно е сега сите партии во Македонија да работат да се најде решение, во ЕП постои загриженост по она што се случува во Македонија од пред неколку недели. Се надевам дека сите елементи на општетството, ќе работат заедно за да осигураат членство на Македонија во ЕУ“.

Ватсон е убеден дека може да се најде решение за проблемот со името и дека ЕУ може да придонесе во изнаоѓањето на решение.

„Да, убеден сум во тоа. Тоа е можно, но со ангажман на сите влади од ЕУ и со интерес на Македонија, тогаш може да се реши овај проблем, кој го сметам за важен проблем, но не мислам дека е тој клучниот проблем во ова прашање“, завршува Ватсон.

Хауит бара датум за преговори без одлагање

Известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Хауит ја објави нацрт резолуцијата за Македонија за напредокот во 2012 година. Тој уште еднаш отворено упатува повик до Советот на ЕУ да одреди без дополнителни одложувања датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ.

Richard Howitt
Ричард ХауитФотографија: picture alliance/dpa

Хауит ги смета за вистински чекор напред заклучоците на Европскиот совет, во кои едногласно беше поддржано донесувањето на временски ограничено решение до јуни 2013 година, врз основа на последниот извештај на Комисијата. Тој бара од еврокомесарот Филе во дополнителниот извештај да ја вклучи и проценката на трошоците кои произлегуваат од непроширувањето.

За Хауит Високиот дијалог не е замена за преговорите. Тој бара од ЕП да ја сподели проценката на Комисијата дека земјата продолжува да ги исполнува политичките критериуми, а се поздравени и бројните реформи.

Околу добрососедството тој бара од Атина, Софија и Скопје да покажат соодветна заложба за „односи во духот на добрососедството“, врз основа на взаемна почит и пријателство, притоа се повикува ирското претседателство да спроведува интензивни дипломатски напори за да се постигне задоволителен исход.

Изразувајќи жалење дека проблемот со името го кочи напредокот на земјата, Хауит упатува повик до Комисијата и Советот да развиваат применлив арбитражен механизам, кој би имал за цел решавање на билатералните прашања меѓу земјите вклучени во процесот на проширување и земји членки.

За резолуцијата прв пат ќе се расправа на 21 јануари, во неа нема многу елементи околу случувањата во Македонија од пред еден месец.