1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Франсоа Оланд да помогне во спорот за името?

Тони Гламчевски29 август 2013

По понудата на францускиот претседател да помогне да се реши спорот за името - може ли да се очекува негово посредништво и колку е тој во можност нешто да придвижи? Дипломати велат - Оланд нема да биде посредник.

https://p.dw.com/p/19YG6
Фотографија: Reuters/Kenzo Tribouillard/Pool

„Јас потсетив дека Франција е подготвена да бара решение во врска со името на Поранешната Југословенска Република Македонија, поради добрите односи што ги имаме со Грција. Вистина е дека прашањето за името го блокира моментално процесот на евроинтеграција и ние не може да запреме тука. Значи, Франција е подготвена и за ова прашање да ја игра својата улога на промовирање на разбирање на оваа тема која сега – ако може да кажам – премногу долго го комплицира процесот “, беше изјавата на Франсоа Оланд на состанокот на осум претседатели од земји од Западен Балкан во јули оваа година во Брдо, Словенија .

Оваа изјава на францускиот претседател беше дадена пред околу еден месец и аналитичарите со кои разговаравме во Франција сметаат дека треба да се почека да се види дали и на каков начин Оланд ќе може да придонесе двете страни побрзо да стигнат до компромисно решение.

Оланд нема да биде посредник во спорот за името

Висок анонимен француски дипломат за ДВ тврди дека ангажирањето на Франсоа Оланд е искрено, тој ни вели дека францускиот претседател со неговата волја да помогне во решавањето на спорот „не прифатил да игра улога на посредник и со тоа да го замени претставникот на ООН за ова прашање.“

Нашиот соговорник не‘ потсети дека токму Франција, во времето на Жак Ширак го иницира самитот во Загреб, кога јасно им беше дадена европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Тој исто така потсетува дека средбата во Словенија меѓу Ѓорге Иванов и Франсоа Оланд е прва билатерлана средба на претседателите на Франција и Македонија во последните 5-6 години, што значи дека има промена во политиката.

Високиот дипломат добро знае дека во Македонија постои убедување дека Франција „стои на страната на Грција“ во спорот за името, притоа тој ни ги посочува реакциите на грчкиот печат по изјавата на Оланд во Словенија кои не беа многу воодушевувачки.

Изјавата на Оланд во однос на Македонија е прво јавно ангажирање на највисокиот претставник на француската држава во насока на решавањето на спорот за името, по тоа на Жак Ширак при неговиот избор во 1995 година, не‘ потсетува францускиот дипломат.

Balkan Präsidenten Brdo Prozess 25.07.2013
Учесниците на Самитот на претседателите на земјите од Балканот во Словенија, во јули 2013 годинаФотографија: Reuters

Македонија досега не беше приоритет за Германија и Франција

Германскиот експерт Ханс-Јирген Захорка од Европскиот институт „Либертас“ неодамна за ДВ објасни која може да биде улогата на Франција и Германија во решавањето на проблемот со името на Македонија и нејзините евроинтеграции.

„Јасно е дека без договор меѓу Франција и Германија ништо не мрда во ЕУ. На приемот на Македонија во ЕУ во двете земји не се гледа како на апсолутен политички приоритет, бидејќи има други актуелни прашања како финансиската криза, која апсорбира многу капацитетит и енергија. Двете земји можат да направат многу, посебно на внатрешниот национален план во однос на нивната политика кон Македонија и Грција“, рече Захорка.

Залагањето на францускиот претседател според нашиот соговорник, кој добро ги познава француско-македонските односи, оди во таа насока. Тој исто така нагласува дека само неколку недели по влегувањето на Хрватска во Европската унија, францускиот претседател Франсоа Оланд порача дека: „вратите на Европа остануваат отворени за нациите од Балканот кои се подготвени да играат на картата на помирување, регионална соработка и спроведување на потребните реформи“.

Франција е многу присутна во Македонија, но тоа малку се знае

Франција, според нашиот соговорник, добро соработува на билатерален план со Македонија во повеќе области, но очигледно дека тоа не е толку познато во јавноста. Тука се посочува посебно на соработката со регионот Долна Нормандија, која е можеби единствена од ваков вид. Овај француски регион целокупната соработка на локално ниво од 2006 година и‘ ја има посветено на Република Македонија. Повеќе нормандиски градови се имаат збратимено со македонски градови, постои размена на ниво на здруженија на граѓани, гимназии, локални власти, соработка во културата...

„Во моментов приоритет на соработката е ставен во развојот на децентрализацијата и рамномерниот регионален развој и пред се‘ мобилноста на младите“, вели Ани Ан, заменик претседател на регионот Долна Нормандија.

Konferenz zur Bekämpfung der Jugendarbeitslosigkeit in Europa
Ништо не може да „мрдне“ без ангажман на Германија и Франција - Ангела Меркел и Франсоа ОландФотографија: Johannes Eisele/AFP/Getty Images

Интензивна економска дипломатија

Балканот е регион со силен економски потенцијал за француската економија, оценува од своја страна сенаторот Алан Ришар, неодамна назначен за економски претставник на Франција за оваа зона.

Неговото назначување од страна на министерот за надворешни работи Лоран Фабиус е дел од новата стратегија на Франција за регионот, инагурирана лично од претседателот Франсоа Оланд на самитот на претседателите на земјите од Балканот во Брдо, Словенија.

Шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус тврди дека „сите земји од Балканот претставени на самитот во Словенија побарале поголемо француско економско присуство во Македонија“.

Алан Ришар, кој одлично го познава регионот, со оглед дека беше министер за одбрана во владата на Лионел Жоспан од 1997 до 2002 година, за време на војната на Косово, објаснува дека претседателот и министерот за надворешни работи, поттикнати од ова барање на нивните колеги од Балканот, одлучиле да го назначат него за специјален претставник во регионот.

Назначувањето на Алан Ришар е во рамките на „економската дипломатија“ за која се залага Лоран Фабиус во моментот кога трговскиот дефицит на Франција достигнува 67 милијарди евра во 2012. Имено, според Фабиус „Кеј д’Орсеј, специјалист за кризи, парадоксално е да не се грижи за економската криза“. „Економскиот влог е исто така дипломатски: местото на Франција во светот“ – вели Фабиус.

Франција е далеку на ранг листата на економските партнери на земјите од Балканот во споредба со Германија.