1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180609 China Weltwirtschaftsforum

19 јуни 2009

Политичари, економисти и новинари од Источна Азија на Светскиот економски форум во Сеул се советуваат за влијанието на економската криза врз Источна Азија. Големо внимание и е посветено на стопанството во Кина.

https://p.dw.com/p/IUcZ
КинаФотографија: AP

Економската криза силно се чувствува и во Кина. Извозот во индустриските земји, пред се‘ во САД, се намалува. Многу фабрички хали на југот на земјата стојат празни. Поради недостиг на работа, милиони работници-мигранти се вратија во родните краишта на село. Во првите пет месеци од годинава цените беа намалени. Сепак, се чини дека големата катастрофа изостана. Кинеската економија е како авион на кого му откажале двете турбини и сепак се‘ уште се одржува во воздух над водата.

Причината е пред се’ во тоа, дека Кина има доволно пари. Девизините резерви изнесуваат околу две илјади милијарди долари. Веќе претходно, во минатиот ноември, земјата усвои инвестициска програма за справување со кризата, во обем од околу 500 милијарди евра.

Кина дома има полни раце работа

Сепак, професор Еберхарт Зандшнајдер од Германската асоцијација за надворешна политика, предупредува од преголеми надежи. Експертот смета дека дури и Кина не може да ја извлече светската економија од кризата. „Кина е толку погодена од влијанијата на оваа криза во својата реална економија, што од кинески агол на гледање апсолутен приоритет има интересот да ја стабилизира сопствената економија, вклучително и можните последици за социјалниот мир и политичката стабилност во земјата. Кина дома има полни раце работа. Се’ што е, покрај ова, уште неопходно за да се помогне да профункционираат кинеските извозни пазари во САД и Европа, Кинезите и ќе го сторат. Но тоа недвосмислено има подреден приоритет“, вели професорот Зандшнајдер.

Wirtschaft in China Einkaufsstraße in Schanghai
Улиците на ШангајФотографија: AP

Според официјалните податоци, кинеската економија во првиот квартал на годинава бележи пораст за повеќе од 6 проценти. Со конјунктурниот пакет не се преземени само инфраструктурни мерки, туку беше направен и обид да се поттикне потрошувачката, посебно во селата, објаснува Франк Зирен, публицист и познавач на состојбите во Кина: „Имаше попусти за луѓето од селата при купувањето автомобили. Имаше попусти и за телевизори и затоа во првиот квартал на оваа година беа продадени двојно повеќе телевизори со тенок екран, отколку лани“.

На повидок нов независен од ММФ азиски монетарен фонд

Од зголемената потрошувачка посебно профитираа кинеските претпријатија. Странските производители на поскапи автомобили забележаа пад. Податоците од јануари за надворешната трговија јасно покажуват: кинескиот извоз во однос на јануари 2008 е намален за 17 проценти, а увозот за 43 проценти. Кинеските девизни резерви и натаму растат, а ќе бидат стратегиски применети, објаснува Франк Зирен: „Кина, се разбира, се обидува сега, во време на криза, да дојде до извори на суровини, оти е единствена голема земја која во кризата не западна во финансиски тешкотии. Затоа Кинезите се трудат од кризата да извлечат предност во Африка и на средниот Исток, со тоа што потпишуваат долгорочни договори за испораки“.

Symbolbild IWF und Schuldenkrise
ММФФотографија: AP Graphics/DW

Влијанието на Кина и во економската криза натамошно се зголеми. За планираното купување обврзници на Меѓународниот монетарен фонд во висина од 50 милијарди долари, Пекинг беше изрично пофален од шефот на Фондот, Доминик Штраус Кан. Вашингтон со олеснување ја прими изјавата на заменик-министерот за надворешни работи Хе Јафеи, дека Кина опстојува врз доларски девизни резерви. Статистички погледнато, секој Американец е задолжен во Кина со околу 4000 долари. Во исто време, Кина ја турка работата за формирање азиски монетарен фонд, независен од ММФ. И за тоа се разговара во Сеул.

Автор: Матијас фон Хајн / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска