Може ли да се спречи криминал со друг криминал?
17 јули 2012Списоците на германски граѓани кои во некоја странска банка ги чуваат своите пари за да избегнат плаќање данок во татковината, често во земјата предизвикуваат и политички конфликти. Овојпат покраината Северна Рајна Вестфалија од непознато лице купи ЦД со податоци за германски државјани кои своите пари ги чуваат во швајцарската филијала на Ројал Банк оф Скотланд.
Според информациите, на него се наоѓаат имињата на околу илјада богати Германци. Покраинската даночна служба дебело го платила ЦД-то: се споменува бројка од 3,5 милиони евра за податоците. Швајцарија и овојпат е изненадена поради тоа што германските даночни служби купуваат списоци кои се украдени од нивна банка. Но, овојпат проблемот не е само во тоа што информациите се украдени, туку и во тоа што Швајцарија и Германија во меѓувреме се договорија за паушално и анонимно оданочување на Германците кои поседуваат сметки во швајцарските банки. За возврат, Германија се откажа од купувањето украдени податоци. Швајцарците велат дека Германија го прекршила договорот, додека покраинските власти се правдаат дека договорот се‘ уште не е ратификуван во германскиот парламент.
Дилемата дали германските служби треба да купуваат украдени податоци од непознати лица, и тоа за огромни милионски суми, само делумно ја разреши германскиот Уставен суд во 2010. година. Судот тогаш утврди дека и на тој начин добиените податоци можат да се користат во кривична постапка.
Германската јавност веќе одамна утврди дека парите кои им се исплаќаат на анонимните продавачи за кражбата на информациите, многу брзо и‘ се враќаат на државата. Според проценките на експертите, благодарение на тие податоци, само до крајот на 2010. година во државната каса се влеале дополнителни 1,8 милијарди евра дополнителни приходи од данок.
Во суштина, властите отвораат постапка против само мал дел од оние кои затајуваат данок во Швајцарија, но секогаш кога ќе се открие некоја листа, се јавува вистинско стампедо на затајувачи на данок кои самите се пријавуваат за да избегнат поголеми казни. Бидејќи затајувачите не знаат дали и нивното име се наоѓа на листите, ниту пак, колку списоци поседуваат даночните власти.