1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли да се реши курдското прашање со воена операција?

Баха Гингер24 февруари 2008

Прашањето не беше дали, туку само кога ќе влезе турската армија и со копнени сили во Сверен Ирак. Зошто беше неизбежна операцијата и дали има реални алтернативи за неа – повеќе во коментарот на Баха Гингер.

https://p.dw.com/p/DCUL
Турски војници во клисурите на Северен Ирак во потрага по борци на ПККФотографија: picture-alliance/ dpa
Турското воено воздухопловство веќе со недели ги бомбардира позициите на ПКК од другата страна на границата. САД им обезбедија на турските генерали соодветни информации од тајните служби за да можат воздушните напади да ги изведуваат и ноќе. Официјален Вашингтон се надеваше дека на тој начин ќе го спречи влегувањето на копнените сили на Турција во Северен Ирак и со тоа ќе ја задржи стабилноста барем во тој дел на Ирак. Но, Генералштабот во Анкара сепак инсистираше на спроведување копнена операција, која Американците сега ја одобруваат, но и нагласуваат дека треба да има ограничен карактер.


Турција ветува дека по разурнувањето на базите на ПКК ќе се повлече од Ирак. Но, времетраењето на операцијата никој не се ни обидува да го одреди. Тоа ќе зависи меѓу другото и од веродостојните гаранции на раководството на Курдската автономна власт во Северен Ирак дека нема да им остава простор на борците на ПКК да создаваат нови скривалишта и тајни бази. На сите им е јасно дека без знаење на северно-ирачките Курди активистите на ПКК никогаш не би можеле да се кријат и од другата страна на границата да планираат нови напади врз турска територија.


Долготрајна борба со тешки последици


Курдистанската Работничка Партија ПКК всушност веќе 24 години се бори за создавање независна држава на Курдите на турска територија. Поради нападите на нејзините борци и возвратните операции на турската армија до сега животот го загубија цели 40.000 лица, стотици илјади се повредени, а милиони се раселени. За борбата на Турција против ПКК до сега се потрошени повеќе десетици милијарди долари. Поради сите тие човечки и материјални загуби се поставува секако прашањето: нема ли друго решение за проблемот? Дотолку повеќе што нерешеното курдско прашање ги оптоварува не само внатрешно политичките односи во Турција, туку и нејзините односи со ЕУ и со другите сојузници. На сите им е јасно дека третманот на Курдите е една од главните кочници за приближувањето на Турција кон европското семејство. За жал сите протести и критики од страна на Европејците до сега не го смекнаа тврдиот став на Анкара.


Затоа останува само да се надеваме дека воената операција на турската армија во Северен Ирак навистина наскоро ќе заврши. Таа во голема мера ги оптоварува односите меѓу Брисел и Анкара. При тоа мора да се каже дека односот со ЕУ во Турција воопшто не се зема за важен, а камоли доволен аргумент за да се смекне однесувањето кон државните непријатели. Одговорност за тоа носат меѓутоа не само турските политичари, туку и оние од европските кои се изјаснуваат против приближувањето на Турција кон ЕУ. Големо мнозинство на Турците веќе подолго време не чувствуваат повеќе обврзани на почитување на европските норми и вредности. Без оглед на тоа, политичкото и военото раководство на Турција би можело наместо да се обидува да ги асимилира Курдите, да им даде гаранции за опстанокот на нивната јазичка и културна традиција.