Можеше и подобро, но и полошо со Шведска
16 јануари 2012Со европското ракометно првенство, деновиве е обземена комплетната јавност во Македонија. Близината на одржувањето на овој спортски настан направи во Скопје синоќа тешко да се дојде до релевантен ракометен соговорник. Илија Темелковски, екс-селекторот на репрезентацијата на Македонија по враќањето од Ниш е со вакви опсервации за синоќешните 26:26 против Шведска.
„Како се одвиваа работите, мислам дека воопшто не треба да ни биде криво, бидејќи можевме и да загубиме, но и да победиме. Резултатот е реален. А, ние покажавме дека можеме да се носиме со една силна Шведска, која што е име во европскиот и во светскиот ракомет. Шансите сеуште постојат и се надевам дека ќе биде исполнет планот и Македонија ќе се пласира во вториот круг во Белград“.
Германија, инспиратор за победа
Утре следи нова привлечна епизода, натпреварот меѓу Македонија и Германија. Исклучително инспиративен дуел за македонскиот состав против ракометниот великан, инаку вчера фрлен на колена од Чешка. Темелковски прогнозира успех на Македонија.
„Ме разочара Германија со можеби една не толку, би рекол незаинтересирана игра, туку со својата неборбеност каква што досега не сум навикнал да гледам. Тие на Светското првенство во Хрватска не‘ победија, но тука тие не се фаворити. Јас би ставил се‘ на една карта, на победа против Германија што води во вториот круг“.
Ракометна еуфорија
Атмосферата е посебна приказна! Околу 4000 Македонци ја бодреа македонската селекција во Ниш. Се враќаат сликите од кошаркарската еуфорија, што владееше за време на Европското првенство во Литванија, со тоа што наместо на скопскиот плоштад, главниот навивачки акцент е на местото на настанот. Од блиц-анкетата направена во Скопје, нерешениот резултат против „викинзите“ е успех за Македонија.
„Можевме и да победиме, но со Шведска која е неколкукратен светски првак, јас како обичен граѓанин сум презадоволен од играта и од резултатот“.
„Нерешениот резултат против Шведска е голем успех. Имаме големи шанси за победа во следниот натпревар и за обезбедување пат во Белград“.
„Впечатоците се одлични. Со една Шведска да одиграме нерешено мислам дека е успех. Во првото полувреме ние бевме подобри, а во второто Швеѓаните играа подобро, па според мене нерешениот резултат е реален“.
Утрешниот натпревар Македонија–Германија во 18 часот и 15 минути ќе е следниот поттикнувач на убави резултатски желби.
Автор: Златко Калински
Редактор: Ж.Ацеска