1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можен е поскорешен избор на новиот Папа

Александар Методијев/ројтерс/афп/ап16 февруари 2013

Ватикан информираше денеска дека конклавата за избор на наследник на папата Бенедикт 16-ти би можела да почне пред 15 март, ако доволно кардинали се во Рим за да го изберат новиот поглавар на католичката црква.

https://p.dw.com/p/17fQD
Фотографија: Reuters

Портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди рече дека црковните правила, кои го регулираат временскиот рок за конклавата, би можеле различно да се толкуваат во овој случај, затоа што се работи за уникатни услови создадени со повлекувањето на папата Бенедикт Шеснаесетти. Според постоечките правила конклавата треба да започне меѓу 15 и 20 март, односно 15 до 20 дена откако местото на Папата ќе остане слободно, но портпаролот Ломбарди рече дека тоа би можело и да биде забрзано, бидејќи католичката црква се соочува со најавено повлекување, а не со ненадејна смрт на Папата. Бенедикт Шеснаесетти објави дека се повлекува од челната позиција во католичката црква на 28 февруари. Правилото за чекање 15 до 20 дена од ослободувањето на папското место е воведено за да можат кардиналите да пристигнат во Рим, но во овој случај тие веќе знаат дека Папата се повлекува на крајот од месецов.

Ломбарди денеска информираше дека прашањето за побрз избор на новиот Папа веќе го покренале повеќе кардинали. Конклавата треба да собере 117 кардинали од светот, кои со дво-третинско мнозинство требаат да го изберат новиот Папа, среќавајќи се во тајност во Систинската капела под познатите фрески на Микеланџело.

Federico Lombardi PK Vatikan Benedikt XVI
Портпаролот на Ватикан Федерико ЛомбардиФотографија: Reuters

Портпаролот на Ватикан информираше дека веднаш по повлекувањето, Бенедикт Шеснаесетти два месеци ќе престојува во летната резиденција на Папата, наречена Кастел Гандолфо, во близина на Рим, по што ќе се повлече во поранешен манастир во Ватикан.

„Очекуваме таму (во летната резиденција, н.з.) да остане до крајот на април или почетокот на мај, бидејќи неговата нова резиденција се реновира“, рече Ломбарди на денешната прес-конференција.