Можат ли Германците да ја сфатат балканската самоиронија?
20 декември 2009„Довидување, како сте“ е називот на документарниот филм на режисерот Борис Митиќ, заснован на црн хумор и народни афоризми настанати во изминатите 40 години на српската историја. Филмот деновиве беше прикажан во Берлин
„ Има така еден министер , го знаеме пријателите и јас уште кога блеевме пред драгстор. Тогаш се натпреварувавме кој ќе отвори пиво со заби. А сега , сега тој има повеќе златни заби, отколку сите ние заедно здрави“
На документарниот филм „Довидување , како сте“, режисерот Борис Митиќ работел речиси две години, собирајќи афоризми и снимајќи луѓе низ Србија, Косово и Република Српска. Целта му била да направи свеовидна репортажа за српскиот црн хумор преку афоризми, користејќи и нарација на актерот Небојша Глоговац.
„Јас во овој филм намерно користев голем број такви стереотипи, но сметам дека тие со самата сила на тој хумор и квалитетот на тој сатиричен коментар дотолку повеќе губат смисла“
Погрешна слика
Откако фимот беше прикажан пред берлинската публика, следуваа и првите реакции. Амбасадорот на Србија во Берлин, Иво Висковиќ смета дека филмот за гледачите во Србија е многу позанимлив и смешен отколку за оние во странство“
„Тоа за жал се толкува како типичен облик на живот во Србија, а не како потсмевање со нашите слабости, особено нашиот примитивизам. Во тој случај се плашам дека некој може да стекне погрешна слика дека тоа е типична Србија“
На германскиот професор по историја на југоисточна Европа, Холм Зундхаузен филмот му оставил депресивен впечаток:
„ Многу сцени во филмот не ја опишуваат само состојбата во Србија, туку такв работи се случуваат и во други земји. Филмот ги прикажува немоќта и безнадежноста на народот , и не ми се допаѓа тоа што нема изјави кои нудат некоја перспектива“ , вели Зундхаузен
Мислењето на публиката е поделено
Берлинчани пак со различни реакции по крајот на проекцијата на филмот:
„Имам впечаток дека тоа соочување со минатото на ироничен начин е типично за многу земји од источноевропскиот регион“
„Иако филмот остава по малку депресивен впечаток, тоа е само еден од начините за објаснување на историјата на Србија и работите што се случувале таму, и не сметам дека филмот ги засилува стереотипите“
„Мене филмот ми се допаѓа затоа што во него предрасудите се користат за истовремено да бидат разбиени. Во воените сцени не се прикажани жртвите и злосторниците, туку смешни и апсурдни сцени, па на тој начин се менува аголот на набљудување“
Филмот „Довидување, како сте“ обиколи пет континенти а прикажан е на 30 фестивали и 10 европски телевизиски канали. На годинешниот германски филмски фестивал „Го Ист“ во Висбаден , филмот на Борис Митиќ беше награден и номиниран меѓу шесте најдобри документарни филмови.
Автор: Селма Филиповиќ/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска