1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модни трендови 2011

23 јануари 2011

Мода за широки народни маси, дизајнирана од најпознатите дизајнери во светот. Еко-мода со луксузен имиџ. Модните блогери го вртат елитниот свет на модата! Ова се трите тренда во светот на модата во оваа 2011-та!

https://p.dw.com/p/zzZf
Фотографија: AP

Германскиот истражувач на трендовите Матијас Хоркс го набљудува општеството кое се менува, предвидува кои ќе бидат модели на иднината. Уште пред многу години тој го предвиде т.н. „Грин гламур“ како еко-тренд на новото време. Ваквиот тренд веќе пристигна во светот на модата. Според Хоркс, во модата свесно се поставуваат трендови за да се продаваат соодветните модели.

Висока мода за ниски цени од најстарата француска модна куќа „Ланвин“ - тоа го имаше пред нешто повеќе од еден месец во шведскиот синџир стоковни куќи „ХМ“, по цени под сто евра. Модата на Ланвин, инаку, чини најмалку петпати повеќе. Дизајнерска мода за широките народни маси е голем тренд. И плетените класични модели на француската модна дизајнерка Соња Рикел оваа година за муштериите беа понудени по релативно поволни цени. Ваквиот тренд го постави Карл Лагерфелд. Тој во 2004 година дизајнираше 30 модели за шведската модна куќа. За оваа 2011 година најави повторно нова модна линија по релативно ниски цени.

Karl Lagerfeld Kollektion für H&M
Карл Лагерфелд го постави трендот - во 2004 година дизајнираше 30 модели за шведската модна куќа „ХМ“Фотографија: AP

Џими Чу исто така дизајнираше лимитирана колекција по ниски цени, која беше целосно распродадена за десет минути. Светски познатите дизајнери реагираат на зголемениот притисок од страна на модните концерни. „Денеска има фирми кои имаат развиено многу умен систем на копирање. Големите синџири ги карактеризира тоа што тие многу бргу ги претвораат актуелните идеи од модните писти во стока за широките маси. Модата е процес на рециклирање“, нагласува Хоркс.

Stella McCartney für H&M Laden in Frankfurt
Модата е да се носиФотографија: AP

Модните линии на славните дизајнери по поповолни цени се во меѓународни рамки и натаму голем тренд. Французинот Жан-Пол Готје, покрај своите ексклузивни креации за претстојното лето, презентираше и втора линија. Малата разлика меѓу двете модни линии е цената - втората е 40% поевтина! „Сакам да покажам дека може да се понуди луксузна мода која чини помалку. На тој начин стигнувам до поголем број луѓе. Облеката е за да се носи“, вели Готје.

Карл Лагерфелд за 2011 година ја има евтината колекција „Мастиж“, комбинација од „маса“ и „престиж“. Таа ќе се продава исклучиво преку интернет.

Втор тренд во модата оваа година - еко-модата

Се носат модели од текстил кој е еко. Рисајклинг-модата стигна и до луксузниот имиџ на светски познатите брендови.

Британската модна дизајнерка Стела Меккартни важи за предводник во сферата на еко-луксузот. Таа е икона на т.н. „зелен гламур“, или еко-мода од материјали кои се добиени преку фер-трговија и се поволни за животната средина.

Flash-Galerie Die Töchter der Rockstars
Стела Меккартни важи за предводник во сферата на еко-луксузФотографија: AP

Фановите сметаат дека „еко“ е добро, доколку модата одговара на естетските стандарди. „Грин шик“, или еко-дизајнерските модели, веќе се презентираат на меѓународните модни ревии во Лондон, Париз и Берлин.

Голем тренд број три - влијанието на модните блогери врз она што ќе се носи во иднина

За модниот блогер Гунар Хемерле улицата е модна писта. Порано критичарите беа мал круг луѓе, денес се тоа широките народни маси.

Стрит-фешн блогот на Гунар Хемерле „Стајл-кликер“ е најчитаниот блог во оваа сфера. Блогерите ја демократизираа модната бранша: „Блогерството е соопштување на субјективното мислење на интернет. Интернетот нуди шанса да се реагира побрзо и понекогаш поефикасно, отколку кога би се пишувало писмо до некое модно списание или друг весник. Модата стана ’ентертејнмент’ елемент“, оценува истражувачот на трендовите Матијас Хоркс.

Symbolbild Blog
Модните блогери влијаат врз модата на иднинатаФотографија: DW

Реномираните модни дизајнери веќе не можат да ги заобиколуваат блогерите и затоа ги вклучуваат во системот. Тие одамна седат во првите редови на големите модни ревии во Париз, Лондон или Милано, каде и натаму се поставуваат големите трендови во модата.

Автор: Улрике Дер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска