1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модерен роб најде слобода во пустина

Роберт Ашер, Сафа Аки/ Марта Таневска1 декември 2013

Извонредната животна приказна за патот од ропство до слобода на еден човек од Мавританија и пречките што ги совладал за да го ослободи своето семејство - дава редок увид во непознатиот свет.

https://p.dw.com/p/19j8h
Фотографија: Safa Faki

Во канцелариите на „СОС Есклавес“ во Нуакчот, главниот град на Мавританија, Матала Оулд Мбарак Алсалем подготвува чај. Матала е мајстор и чистач во „СОС Есклавес“, невладина организација посветена на борбата против ропството која им помага на робови и поранешни робови. Матала е исто така еден од нив.

Роден во пустински регион во северно-источна Мавританија, неговата мајка била Хратине, односно роб, па поради тоа и тој исто. Хратине, главната ропска каста, се потомци на африканските етнички групи, главно покорени од белите Арапски бербери. Проценките покажуваат дека 10 до 20 отсто од населението во Мавританија, кое брои 3,5 милиони луѓе, се робови, иако е тешко да се дојде до точни податоци.

Тие се сопственост на нивниот господар и живеат да ја исполнат волјата на господарот - исто и нивните деца кои често се плод на силување од страна на господарот. Бегањето е ретко и често е самостоен обид, кое бара случајно да се одвиваат совршен збир на настани. Матала имал среќа, а бил и посебен.

Семејни врски

„Матала е единствениот роб што го знам, кој се обиде да си го ослободи семејството“, вели Масуд Бубакар, кој раководи со „СОС Есклавес“ во Мавританија.

„Робовите што избегале, ретко зборуваат за фамилиите што ги оставаат, бидејќи нивните семејства биле растурени. Матала зборуваше за неговото семејство и постојано се обидуваше да ги спаси, а на крај и му успеа“.

Bildergalerie Sklaverei in Mauretanien
Масуд Бубакар (лево) му помогнал на Матала да си го најде семејствотоФотографија: Robert Asher

Како роб, обврските на Матала, како и на неговата сестра, Шведа и останатите робови вклучувале пасење на камилите и козите на господарот, подготвување јадења и носење на храна и вода. И за најмалите грешки казната била камшик.

Кога ги пасел камилите, Матала често завршувал длабоко во пустината. Еден ден во 2004 година, со стадото тој стигнал, без да знае, блиску до границата со Мали, каде му пришле жандарми и гранична полиција. Тие му рекле дека им треба некој да ги пасе и да им дава млеко на нивните камили и го прашале дали е заинтересиран.

„Им кажав дека сум роб и дека не можам да одам со нив поради мојот господар, дека ќе бидам претепан ако одам“, вели Матала за ДВ.

Но тоа не било крајот. Командирот на жандармите сакал да знае повеќе. Тој го испрашал Матала за неговата ситуација, и таа на неговата сестра и деца. Командирот го прашал дали сака да биде слободен.

„Му кажав да, но сакав гаранција дека нема никогаш да се вратам кај мојот господар“, вели Матала. „Тој ме убеди дека нема веќе да се вратам“.

Bildergalerie Sklaverei in Mauretanien
Жената и децата на Матала се соочуваат со сиромаштија, но се слободниФотографија: Robert Asher

Пресметка со господарот

Во канцеларијата на жандармите, дошле господарот на Матала и неговите браќа и инсистирале нивната сопственост да им биде предадена назад. Но командирот рекол дека одлуката е на Матала.

„Мојот господар почна да ми кажува дека морам да се вратам бидејќи тој е моето семејство, мојот родител и неговите браќа и синови се моето племе“, вели Матала. „Му кажав дека не ми е семејство, дека ја силуваше мојата мајка и сестра пред мене, го тепаше мојот брат постојано и дека попрво би умрел отколку да се вратам кај него“.

Со заштита на жандармеријата, Матала стана слободен и со помош на „СОС Есклавес“ се смести во Нуакчот.

Една година подоцна Бубакар и „СОС Есклавес“ ја лоцираа неговата мајка и брат кои исто така избегале од ропството и живееја во камп за бегалци во западна Сахара. Но семејството остана нецелосно без сестрата Шведа и нејзините деца.

Матала не се смирил додека не ги нашол. „СОС Есклавес“ му давале пари и два пати тој на сопствен ризик одел во пустината да ги бара. Се обратил и на жандармите за помош, но му било кажано дека ќе мора да плати 5.000 долари и да обезбеди ГПС координати за нивната точна локација.

Bildergalerie Sklaverei in Mauretanien
Децата на Шведа се плод на силување од нејзиниот господарФотографија: Safa Faki

Но на почетокот на годинава, Бубакар и Матала дознале дека има нов полициски командир во регионот и дека бил Хратине. Тоа смени сѐ.

Мавританија е длабоко поделена по етничка основа. Белите арапски бербери се мнозинството од водечката класа и ја држат власта. Бидејќи робовладетелите често се од истата етничка група, надлежните ретко интервенираат против нив.

Во март годинава, жандармите го контактираа Матала, и заедно со 15 од нив Матала и Бубакар поминаа два дена пребарувајќи ја пустината. Тие ја нашле Шведа и нејзините деца како пасат камили и овци. Жандармите ги земале сите десет членови на семејството и ги ослободиле.

Сега Матала, негова сестра и нејзините деца живеат во две колиби што ги изградиле од жица и остатоци од платно на празно место помеѓу домовите во Нуакчот. Иако се сиромашни, секое пени што ќе го заработат е нивно, а со тоа започнува и нов живот на самоопределување.