Мода за муслимани
21 ноември 2009Петок претпладне во истанбулскиот кварт Фулија. Модната дизајнерка Рабиа Јалчин седи во својот новоотворен моден салон и опуштено се смее. Работата добро и‘ оди. Никакво чудо, 43-годишната Турчинка е успешна во меѓународни рамки, со години редовно учествува на От Кутур, реномираните модни ревии во САД. Мината година дури доби и награда за иновативен дизајн. Рабиа Јалчин е муслиманка, носи жолта шамија, почитувајќи ги препораките за покривање од Коранот, но: „Обврската за покривање не значи невкусно облекување или неубав изглед. Покривањето и модата можат да одат напоредно, дури, смислата на религијата е човек да изгледа естетски, да биде чист и убав.“
Голем комерцијален потенцијал
Во согласност со религијата, но модерно облечени, ова сознание веќе со години се шири меѓу турските муслиманки. Поточно, откако власта во земјата ја освои исламско конзервативната Партија на правдата и развојот. Со тоа се создаде нов пазар со голем комерцијален потенцијал. Неодамна во Истанбул беше одржан и првиот исламски моден саем.
Таму беше претставено се‘ она што муслиманските жени без двоумење можат да го носат. На саемот беше присутен и Мустафа Челиктен со својата фирма СЕТРМС. Со очилата со модерни рамки и кратка брада, Мустафа изгледа како типичен западен дизајнер, но тој ги почитува принципите на исламската мода. „Оваа сезона постојат други концепции и идеи, но основната е иста. Фустанот е долг и широк, облините на телото не смеат да се потенцираат. Можеме да ги менуваме само боите, копчињата и модните детали.“
Се разбира, ова само до одредена мерка е во рамките на западните претстави за тоа што е мода, на запад во преден план се промените во кројот. Дали тогаш во основа исламските креатори можат да претставуваат само едни исти работи? Воопшто не, вели Мустафа, а како потврда истакнува што подготвува неговата фирма СЕТРМС за следната година: „Концептот за новата сезона гласи: Не е исто, ќе доминираат нежни бои, сива, беж, црна боја. Претходно се носеа живи бои. Украсните детали сега ги ставаме на рабовите, во аглите.“
Буркини-нови трендови
Посебно големата е разликата во однос на западната мода кога се работи за исламската верзија на костум за капење - буркини, кованица од двата збора-бурка и бикини. Овој костум за капење го покрива целото тело на жената. Фирмата Хасема е специјализирана за костумите за капење на муслиманките, една соработничка ни објаснува што е топ во моментов: „Најпопуларниот буркини модел оваа сезона е Раван. Го продаваме претежно во земјено-кафеава и темно-маслиново зелена боја. Тренд бои на буркини се виолетова и јарко црвена.“
Концептот буркини кај оние кои потекнуваат од Запад предизвикува изненадување. А се чини дека и можностите за негово менување се ограничени. Модниот дизајнер Рабиа Јалчин не нуди буркини во својата колекција, но воопшто не го дели мислењето за постоење граници во исламската мода. Напротив: според неа, исламската мода едноставно има друга цел, а Западот со својата претстава за модата стигна во ќорсокак: „Саемот на висока мода ’От Кутур’ на пример се наоѓа во криза во моментот, зашто не успеа во натамошниот развој. Фиксираноста на секси изглед и инсистрирањето на уште повеќе секси има свои граници, потоа веќе нема нови идеи. Мажите ги гледаат секси облечените жени, и секогаш е присутна страст, како нешто да се откине...“
Наспроти ова, модата која ја создава Рабиа Јалчин има индиректен израз. Мојата мода е пледоаје за баланс, вели таа, воздржана, но сепак шик, таа ја потенцира личноста, не полот, а тоа е добро. Како за мажите, така и за жените.
Автор: Килијан Пфефер/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска