МНР: Дијаспората гласаше без проблеми
5 јуни 2011Гласачките места во 38 Дипломатско-конзуларни претставништва биле отворени и затворени навреме и гласањето поминало без забелешки од страна на гласачите и членовите на избирачките одбори.
„Според податоците што преку своите дипломатско-конзуларни претставништва ги доби Министерството за надворешни работи, гласањето на дијаспората на трите континенти Европа, Австралија и Америка помина во мирна и демократската атмосфера. МНР како логистичка поддршка е задоволна што овој процес, кое беше прво гласање на дијаспората и гласачките места во 38 дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија се отворија и затворија точно на време, без никакви забелешки ниту од избирачите, ниту од одборите или од овластените лица на ДКП што беа присутни на самите места“, вели Викторија Новаковиќ од одделението за односи со јавност во МНР во изјава за „Макфакс“.
Според информации на ДИК, во изборната единица 7 (Европа и Африка) од вкупно 4.653 гласачи гласале 53,3%, во изборната единица 8 (Северна и Јужна Америка) од 1.832 гласачи гласале 68,2 отсто, додека во изборната единица 9 (Австралија и Азија) од запишаните 773 гласачи гласале 77,8 отсто.
Автор: ЕМФ/макфакс
Редактор: Трајче Тосев