1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мнозинството Германци се за солидарна Европа

Панајотис Купаранис/ Жана Ацеска7 април 2013

Германците, како и останатите Европејци, и покрај кризата веруваат дека мора да постои заемна соработка. Тие се убедени во неправедни маки на Грците и дека политичарите загубиле однос со реалноста.

https://p.dw.com/p/18AXd
Фотографија: DW

Без оглед на различните предизвици со кои се соочени одделни европски држави, две третини од Европејците се за солидарна Европа и за излез од економската криза со заеднички напори. Ваков став застапуваат 57 проценти од Германците. Уште повеќе, дури 70 насто од нив веруваат дека обичните граѓани во земјите како Грција неправедно страдаат од последиците на економската и финансиската криза.

До овие резултати дојде студија спроведена од фондацијата Отворено општество, дел од фондациите на американскиот инвеститор Џорџ Сорос, која според сопствени наводи се залага за „фер и отворено граѓанско општество“. Интересното во анкетата е што испитувањата се вршени во деновите на ескалација на кипарската криза.

Spanien Protest Demonstration Puerta del Sol Madrid
Фотографија: picture alliance/Fabian Stratenschulte

Германците не се исклучок

Ипсрашувањето е вршено меѓу граѓаните од Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија. Вредно за одбележување е, според директорот на иницијативата Отворено општетсво во ЕУ, Шпанецот Хорди Вакуер, колку слично размислуваат луѓето во одделни држави.

„Општите трендови не се разликуваат меѓусебе, иако кај Шпанците на пример е посилен повикот за солидарност отколку на пример во Германија.“

Генерално би можело да се каже дека во државите во јужна Европа, како Италија и Шпанија, кои повеќе страдаат од економската криза, барањето за солидарност е поизразено одошто во Германија и Велика Британија.

„Но, тоа не е никаква противречност, само процентите се пониски“, истакнува Вакуер.

Во нитуе едно прашање од анкетата одговорите на Германиците не остапуваат од оние на граѓаните во другите европски држави. Тоа важи и за централните резултати на испитувањето на јавното мислење.

„Првото е - сегашните мерки за решавање на кризата не се сметаат за сериозни, туку за контрапродуктивни. Вториот резултат - кај јавното мислење е регистрирана поголема готовност за солидарност отколку во потезите на владите. Третиот заклучок е постоењето силно чувство за солидарност, би можело дури да се каже, за меѓусебна меѓузависност кога се работи за заеднички, а не за индивидуални проблеми“, резимира Вакуер.

Притоа, 67 проценти од испрашаните се на мислење дека справувањето со економските и социјалните проблеми треба да се задача на сите ЕУ-држави. На оваа тема само Британците се со поинаков став: 64 проценти сметаат дека секоја држава треба да се грижи за своите сопствени проблеми. Сепак, тоа е единственото прашање кај кое постои ваква гравирачка разлика.

Spanische Ein-Euro-Münze unter dem EU-Rettungsschirm NEU
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde

На политичарите проблемите на луѓето им се далечни

Економската и финансиската криза ги буди стравовите. Речиси три четвртини од испрашаните стравуват дека ниските плати и растечките цени водат кон сиромаштија. Освен тоа, граѓаните стравуват од раст на невработеноста, од намалените шанси на младите, како и од влошување на ситуацијата на старите и болни луѓе. Исто така постојат стравувања од зголемување на споровите и тензиите меѓу европските држави. Дури 85 проценти од учесниците во анкетата се убедени во постоење сериозна односно долгорочна штета на европското единство и солидарност како последица на економската криза.

Одговорноста за тоа граѓаните ја лоцираат кај политичарите, вели Хорди Вакуер:

„Во однос на владеењето во Европа, проблемот не е во загубената смисла за солидарност кај европските граѓани. Кај сите нас постои впечатокот дека политичкиот кризен менаџмент не ја следи силната поврзаност која Европејците се‘уште ја чусвствуваат едни за други“.

Ова го потврдуваат и бројките во студијата: 92 проценти од Французите, Германците, Шпанците, Италијанците и Британците се убедени - политичарите во Европа за време на финансиската криза загубиле чувство за грижите на обичните луѓе.