1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу шопинг центри, малку купувачи

Катерина Блажевска4 октомври 2012

Скопје денеска го добива досега најголемиот трговски центар во градот- Скопје Сити Мол. За инвеститорите во трговски центри поважен показател е дефицитот од т.н. шопинг квадратура,отколку дефицитот во потрошувачкиот џеб.

https://p.dw.com/p/16JYv
Skopje City MallФотографија: MAKFAX Photo Service

Во Македонија има хиперпродукција на трговски центри во споредба со куповната моќ на потрошувачите, вели Никола Велковски, поранешен директор на Градскиот трговски центар (ГТЦ) и претседател на групацијата за градежништво во Стопанската комора на Македонија.

„Денес повеќето трговски центри половично работат како резултат на економската состојба, на слабата куповна моќ, но и на слабата понуда на брендирана стока“, укажува тој.

Мала прошетка низ Скопје е доволна за да се види дека освен „Рамстор“ и делумно ГТЦ, другите шопинг центри функционираат со намален капацитет. Секој втор продажен објект е огласен за издавање, а нови закупци со месеци нема. Уште полоша е сликата во помалите општини, каде 70 отсто од објектите зјаат празни. Според стастистиката, куповната моќ во Македонија изнесува 32 отсто од европскиот просек, а во Хрватска, на пример, е 41 отсто или околу 5.000 евра во споредба со просечната куповна моќ на граѓаните на ЕУ која изнесува 12.000 евра. „Куповната моќ е мала и ние навистина имаме хиперпродукција од трговски објекти, но имаме и недостиг од шопинг молови во вистинска смисла на зборот“, вели поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.

Градежништвото носи профит

Skopje City Mall
Скопје Сити МолФотографија: MAKFAX Photo Service

Досега не е изработена ниту една студија за исплатливоста на инвестициите во трговски центри, па се поставува прашањето со каков мотив на инвеститорите се ориентираат кон ваков тип објекти во време на криза? Според Велковски, причина за тоа се тврдењата во последниве години дека во градежништвото има профит. „Дури и субјекти кои се занимаваа со други дејности, своите слободни средства почнаа да ги инвестираат во недвижнини, односно трговски центри. Но, просторот се презасити. Во новите станбени згради веќе не се гради деловен простор, бидејќи и досегашниот е неискористен. Ако се има предвид дека и во новите катни гаражи 30 отсто од просторот е наменет за деловни простории, јасно е дека има суфицит од таков вид објекти“, објаснува Велковски.

Менаџментот на „Скопје Сити Мол“, најголемиот шопинг центар во Скопје кој на 4 октомври ќе биде пуштен во употреба, пак, смета дека се уште е евидентна потребата за малопродажен простор во Скопје. Според нивната пресметка, Скопје со популација од 700.000 жители располага само со 50м2 современ малопродажен простор на 1000 жители. За истиот број жители Загреб располага со 500м2, а Будимпешта дури со 1.150 м2.

„Овој проект не се темели врз очекувањата за зголемување на куповната моќ на граѓаните туку на канализирање и концентрација на купувањата на една локација. Показател за куповната моќ на граѓаните е циркулацијата од речиси 1.000.000 минувања годишно само кон јужниот сосед“, вели Ивајло Иванов, генерален менаџер на „Скопје Сити Мол“. Новиот објект зафаќа 90.000 квадратни метри, од кои 39.000 се бруто закупна површина, а 40 интернационални брендови за првпат ќе отворат свои продавници во Македонија.

Но, досегашното искуство покажува дека шопинг центрите ги сменија куповните навики, па и начинот на користење на слободното време. Потрошувачот не сака само да купи, туку да купи еден ден надвор од земјата. Поради тоа, Македонците досега беа најчести купувачи во Солун и Софија, а жителите на Косово и Јужна Србија – во Скопје.

Хрватска рекордер во регионот

Zentrum Skopje (GTC) Bild: Petr Stojanovski
Градски Трговски ЦентарФотографија: DW

Додека Македонија статистички е на дното на европската листа, Хрватска со 900.000 квадратни метри шопинг простор е на 17 место во Европа и предничи пред Швајцарија и Германија, а е рамо до рамо со Италија и Шпанија. „Шопинг квадратурата“ на 1.000 жители е најголема во Норвешка со 700 м2, во Шведска со 400 м2, а во Естонија и Исланд со околу 380 м2, а во Словенија и Австрија нешто повеќе од 300 м2. Според австриската компанија Regio Plan Consulting лани во Средна и Источна Европа биле отворени околу 160 нови трговски центри, со што постојната површина пораснала на 4 милиони квадратни метри. За 20 години од падот на комунизмот, во Источна Европа се изградени илјада трговски центри. Процесот поинтензивно почна во 2000 година, а кулминира во 2007, кога само за една година се отворени повеќе од 300 нови центри. И покрај економската криза, денес на „маса“ се повеќе од 1.000 нови проекти. Дел од нив се последица на одложувањата во претходните две години, дел се надеваат на опоравување на економијата и пораст на куповната моќ, но пазарот засега не возвраќа со такви сигнали.