1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу жртви во експлозиите на автомобил-бомби во Турција

СН/ЕМФ/дпа/афп/ртр11 мај 2013

Две автомобил-бомби експлодираа денеска (11.05) во малиот турски град Рејханли, на границата со Сирија. Во експлозиите, според последните официјални информации, загинаа најмалку 40 лица.

https://p.dw.com/p/18WEm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Билансот на загинатите во експлозијата на автомобил-бомби во турското гратче Рејханли расте од момент во момент. Најнапред се говореше за четворица загинати, потоа за 18, па 30 .

„Бројот на луѓе кои се убиени или повредени е поголем од 100. Повеќе од 30 лица се убиени, а бројот на повредени се зголеми“, изјави турскиот министер за правда, Садула Ергин за турската телевизија НТВ.

Неколку минути подоцна турскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер изјави дека бројот на загинати се искачил на 40 и оти бројот на повредени е околу 100, од кои 29 се во критична состојба.

Tote und Verletzte bei Anschlag in Türkei
Фотографија: Reuters

Претходно, Ѓулер изјави дека експлозиите се случиле во 13:55 часот по локално време. Една од бомбите експлодирала пред зградата на општинската администрација во Рејханли, а другата пред една пошта.

Според турските медиуми, зградата на општината е сериозно оштетена. Во експлозијата се урнала дрвена зграда, која се наоѓала во близина.

Министерот Ѓулер истакна дека во регионот на експлозиите се распоредени припадници на силите за безбедност. Рејханли е главно прибежиште за сириските бегалци, но и место на активност на сириските бунтовници

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави дека експлозиите можеби се поврзани со Сирија. Провинцијата Хатај, во која се наоѓа градот Рејханли, има прифатено околу 20 до 25 илјади сириски бегалци и можеби има некои кои сакаат да ја разгорат чувствителната ситуација, рече Ердоган.

Тој, меѓутоа, не ја исклучи ниту можноста нападот да е поврзан со мировните преговори со курдските бунтовници, со кои треба да му се стави крај на речиси 30 годишниот конфликт.

Во меѓувреме, турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу во врска со нападите предупреди да не се прават обиди за „тестирање на турската сила“.

„Никој не треба да се обидува да ја тестира силата на Турција. Нашите сили за безбедност ќе ги преземат сите неопходни мерки“, рече Давутоглу пред новинарите за време на посетата на Берлин.