1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: Ризици за Македонија има, но главно однадвор

17 ноември 2010

По двонеделна мисија во Македонија , Меѓународниот монетарен фонд е оптимист за економската состојба на земјата и очекува позабрзан раст наредната година, истакна денеска шефот на мисијата Вес Мекгру.

https://p.dw.com/p/QBS5

Македонската економија е генерално стабилна, но се уште постојат ризици кои зависат главно од надворешни фактори. Со ваква оценка, мисијата на ММФ ја заврши двонеделната посета на Скопје во чии рамки не беше постигнат договор околу понудениот заем од 400 милиони евра за буџетски потреби на Македонија.

Надворешните ризици се поголеми

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Вицепремиерот и министер за финансии на РМ, Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

Шефот на мисијата на ММФ за Македонија Вес Мекгру прогнозира забрзан економски раст на земјата за догодина. Макроекономската и фискалната политика се во добра кондиција и нема дополнителен простор за натамошно релаксирање на монетарната политика на Народната банка на Македонија:

„Се на се би кажал дека сме оптимисти за економската состојба во земјата, меѓутоа сепак постојат ризици. Економската криза од пред две години во голем дел е со намален интензитет, меѓутоа многу земји вклучително и во Европа се` уште се соочуваат со големи финансиски ризици. Затоа сметаме дека надворешните ризици се повисоки, смета Мекгру.

Владата ќе се консултира со експерти и ќе ја донесе одлуката за заемот

Mazedonien Land und Leute
Гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

Иако монетарците си одат владата дефинитивно не се откажува од опцијата за користење на новиот кредитен инструмент. Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека во најкус можен рок владиниот економски тим ќе се консултира со политичката и експертска јавност и ќе ја донесе одлуката дали ќе ги искористи понудените 400 милиони евра. Во целиот процес ќе биде вклучен и парламентот.

Инаку Народната банка за догодина проектира раст на кредитирањето за 12%. Гувернерот Петар Гошев е оптимист. Според него битно е што догодина монетарната власт ќе продолжела со политиката на стабилен девизен курс и контрола на инфклацијата. Ќе се барале и можности за помош на кредитирањето кое догодина според Гошев ќе се забрзало. Инаку ММФ за догодина прогнозира дека македонската економија ќе порасне за три отсто, што е многу блиску со владината проекција за раст на БДП од 3,5%.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Симе Недевски