1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ оценува дека светската економија е на пат на опоравување

Ролф Венкел / Елизабета М. Фиданоска21 јануари 2014

Меѓународниот монетарен фонд, исто како Светската банка, оценува дека светската економија е на добар пат, меѓутоа сепак не се отстранети сите ризици.

https://p.dw.com/p/1AuKM
Фотографија: DW/A.Becker

Една недела по проценките што ги објави Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд излегува со слични, оптимистички оценки. Централната порака на ММФ во извештајот за светската економија, денеска (21.01) гласи - таа се опоравува, но тоа опоравување останува и натаму фрагилно и нерамномерно.

Така, глобалниот пораст, според проценките на ММФ, по ланските 3%, годинава би требало да изнесува 3,7%, но притоа индуструските земји и земјите во забрзан развој ќе се движат со различно темпо. Додека индустриските земји можат да сметаат со зголемување на стапката на пораст од 1,3 на 2,2 проценти, земјите во забрзан подем и земјите во развој ќе имаат пораст од 5,1% (минатата година имаа пораст од 4,7%).

Со тоа ММФ во најголем дел ги потврдува сопствените прогнози, дадени во октомври минатата година. „Отстапувањето изнесува само 0,1%“, изјави главниот економ на ММФ Оливие Бланшар во Вашингтон. Според него, „кочниците за стопанско опоравување попуштаат“, а за тоа има три причини: „Прво, попушта притисокот за консолидација на буџетот во многу држави. Второ, полека се опоравува финансискиот систем. И на крајот, полека се намалува вкупната несигурност во светот.“

Перспективите за САД, според Бланшар, се добри. Порастот ќе станува посолиден, приватната потрошувачка ќе заживува, стапката на пораст би можела да се зголеми од 1,9 проценти во 2013-та, на 2,8 проценти во тековната година. Тоа пак, на американската централна банка (ФЕД) и‘ остава простор за напуштање на ултралабавата монетарна политика. Но со такво нешто ММФ смета дури во 2015 година.

Illustration Wirtschaftswachstum in Lateinamerika
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Европа, според Блашар, опоравувањето ќе биде со две брзини. Велика Британија би можела да има пораст од 2,4%, Германија од 1,6%, додека Франција од само 0,9%. Проблем останува југот на Европа. Таму извозот ќе се зголемува, но останува принудата за консолидација на буџетот, слабата внатрешна побарувачка, лошите банки и фирми. Сето тоа ќе го оптоварува порастот.

Земјите во забрзан подем, вели Бланшар, ќе бележат и натаму силен пораст, но тој нема да биде толку динамичен како во изминатите години. „Овие земји профитираат од опоравувањето на индустриските земји, но ветрот на финансиските пазари за нив ќе стане поостар, доколку ФЕД повторно ја пренасочи својата монетарна политика во нормални шини“, оценува тој.

Според Бланшар, за земјите во забрзан подем има извесни ризици доколку западните централни банки повторно се вратат кон нормална монетарна политика. Тоа би можело да доведе до масовно одлевање на капитал и да предизвика притисок врз валутите. Затоа, нагласува Бланшар, важно е централните банки на индустриските земји јасно да ги соопштат своите намери и тоа да го сторат навремено.