1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: Остварлив е умерен раст од два процента во Македонија

СН/ЖА/миа/макфакс16 април 2013

Мисијата на ММФ која две недели беше во Скопје оцени дека Македонија е земја со стабилна економија и стабилни макроекономски перформанси во услови на тешки опкружувања.

https://p.dw.com/p/18Gm4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Предвидениот економски раст од два отсто во 2013 година се‘ уште е остварлив за македонската економија, но е предмет на значителни проблематични ризици, со оглед дека надворешната средина останува тешка.

Ова денеска во Скопје го изјави Ивана Владкова Холар, шефицата на тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што во изминатите две недели спроведе мониторинг на македонската економија. На заедничка прес-конференција со македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески таа уште оцени:

„Економијата во Македонија, како и растот, се мошне добро позиционирани. Историјата на конзервативни фискални, монетарни и финансиски политики им овозможи на македонските власти простор во политиките за соочување со ефектите од глобалната криза. Како резултат на тоа Македонија избегна голем пад на производството и проблематичен одлив на капитал и е добро позиционирана да се врати кон раст кога ќе дојде до заздравување на ситуацијата во Европа“ , рече Холар.

Таа го поздрави расчистувањето на заостанатите долгови на јавниот сектор кое почна во септември 2012 и заврши во февруари годинава и потенцира дека во иднина ова е важно за да се избегне повторно создавање притисоци врз деловниот сектор во однос на паричните средства.

Силната поврзаност со еврозоната и случувањата таму, според Холар, има влијание и врз македонската економија во целина. Таа оцени дека планираниот дефицит на владата од 3,5 отсто како и тековната монетарна политика се соодветни на актуелните состојби. македонскиот министер за финансии изрази задоволство од оценката на мисијата на ММФ.

„За нас е охрабрувачки тоа што заклучоците на мисијата на ММФ покажуваат дека Македонија е земја со стабилна економија и солидни макроекономски перформанси во едно тешко опкружување“, изјави Ставрески.