1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: Македонија е на добар пат, но има и ризици

22 јуни 2011

Економијата заздравува, но ризици и натаму постојат, оценува ММФ. Македонија во наредниот период ќе бележи економски раст од околу 3 проценти. Буџетскиот дефицит ќе биде во рамките на планираните 2, 5 проценти.

https://p.dw.com/p/11hey
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кредитот на ММФ во висина од 480 милиони евра останува на располагање, но мисијата надлежна за Македонија не очекува Владата да повлече дополнителна сума по 220 милиони потрошени пролетта.

„Во иднина би било добро средствата од ММФ да бидат крајни за користење, очекуваме во подобро време Владата да издаде еврообврзница, до крајот на годината, за да ги покрива буџетските потреби“, рече шефот на мисијата за Македонија Вес Мекгру.

Економското закрепнување продолжува

По еднонеделниот престој во Македонија, мисијата оцени дека економската состојба е подобрена, но сепак предупреди дека земјата се соочува со надворешни ризици.

„Економското закрепнување што започна лани продолжува и понатаму со што мисијата очекува раст на земјата од три отсто со поддршка од растот на извозот и инвестициите. Инфлацијата е резултат на зголемените цени на храната и горивото. Надворешниот биланс на земјата е контролиран, а би требало да се финансира пред се’ од странски директни инвестиции, а девизните резерви остануваат на задоволително ниво“, изјави Мекгру.

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

Според него, властите ја потврдиле заложбата за постигнување таргет на фискалниот дефицит од 2,5 отсто од бруто домашниот производ за наредната година.

Еврообврзница до крајот на годинава

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека заедно со мисијата на ММФ во Македонија дошле до заклучок дека економијата заздравува и забележува зголемување на растот.

Според владините проекции растот на БДП наредната година ќе се движи околу 3,5 отсто. Министерот за финансии Зоран Ставревски изјави дека очекува до крајот на годината, Македонија да издаде еврообрвзница за финансирање на буџетскиот дефицит.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска