1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: времето на единечни мерки на поедини земји помина

Карл Цавацки, Вашингтон8 октомври 2008

Со усогласена акција на големите индустриски држави и големите земји во подем може да се воспостави стабилност на финансиските пазари, вели Меѓународниот монетарен фонд во извештајот за глобалната финансиска стабилност.

https://p.dw.com/p/FW9Q
Фотографија: DW

Со меѓународната криза на банките, само во американскиот дел на финансиски вредности, се уништени 1400 милијарди долари. Нанесена и’ е тешка штета на довербата во стабилноста на финансиските пазари во светски рамки. Вложувачите се загрижени за своите пари, банките веќе не си даваат меѓусебно кредити, пазарот на пари пресуши. За тој повторно да биде ставен во погон, според пресметките на ММФ, во наредните пет години се потребни 675 милијарди долари, кои во најголем дел треба да дојдат од централните, емисиони банки. Повторното заживување на финансиските пазари е од интерес не само за банките, туку и за стопанството и штедачите, оти и тие се погодени од финансиската криза, а пред се’ е разнишана довербата на штедачите во стабилноста на банките, сметаат експертите на ММФ.


Само меѓународно координирана акција може да даде резултат


Фондот смета дека се апсолутно потребни меѓународно усогласени мерки на големите индустриски држави и големите земји во подем, оти финансиските пазари се толку интернационално испреплетени, што само со глобални акции може да се запре губењето на доверба во светски рамки. Посебно во Европа веќе не може многу да се постигне само на национално ниво, рече директорот на Одделот за пари и пазари на капитал на ММФ Хаиме Куруана: „Сметам дека е апсолутно важно да се подобри координацијата помеѓу земјите од ЕУ. Тоа не значи дека во сите нив треба да се пробаат истите решенија, оти членките на Унијата имаат различни структури и институции на финансиските пазари“.

Но, владите и емисионите банки мораат да ги координираат нивните активности. Во овој контекст експертите на ММФ ги критикуваа државните гаранции за штедните влогови во Ирска и Германија. Јан Брокмејер вели: „Имам разбирање за тоа дека требаше да се смири јавноста, но важно е тоа да се случува на кординиран начин. Според наше гледање, не треба да има голема разлика меѓу државите. Подобро би било тоа да беше координирано со другите европски земји“, вели експертот на Фондот. Во ММФ сметаат и дека првиот чекор требало да биде повишување износот на гарантираните штедни влогови.


ММФ иницира нови правила за билансирање на банките


Фондот во извештајот се занимава и со консеквенциите од кризата и превенција од идни кризи и бара од банките и другите актери на финансиските пазари поголема транспаретност, за ризиците да бидат јасно препознатливи и подобро пресметливи. ММФ иницира промена на сегашните правила со американски белег за билансирање на банките: тие веќе да не прават биланси според дневната вредност на финансиските продукти, туку според нивната набавна цена. Така би се намалил притисокот врз банките и би се избегнале сегашните нивни екстремни книговодствени добивки во добрите, и екстремни загуби во лошите времиња, кога со тоа дополнително му се наштетува на банкарскиот систем и се поткопува довербата на вложувачите.

►◄