Младите најпогодени од неусогласеноста на образовниот систем со пазарот на трудот
6 јули 2013Во евиденцијата на Републичката агенција за вработување голем број невработени има и од следните профили на занимање: професор по одделенска настава на македонски јазик, дипломиран учител, професор за предучилишно воспитување, дипломиран менаџер по туризам и угостителство... Гимназијалците се најбројни кај невработените со завршено средно образование, а потоа следат економските, земјоделските, конфекциските, ветеринарните, угостителските техничари ...
Од оваа агенција за ДВ велат: Кога станува збор за профили кои се барани на пазарот на трудот, работодавачите искажале потреба и за работници за следните занимања: електроинженер за пренос и распределба на електрична енергија, инженер-технолог за прехранбени производи, архитект, графички дизајнер, машински техничар, градежен техничар за високоградба, медицинска сестра со положен државен испит... Ѕидарите, пекарите, браварите, шивачите, готвачите, заварувачите и армирачите се постојано барани на пазарот на трудот.
„Се создава цела армија млади маргинализирани лица“
Зошто доаѓа до ситуации млади луѓе да инвестираат 4 – 5 години од својот живот и повеќе илјади евра за да дојдат до одредена диплома, било од средно училиште, било од факултет, а потоа да сфатат дека за нив нема работа како такви профили?
Љупчо Печијаревски, социолог и експерт за економика на работната сила и управување со човечки ресурси од државниот Економски факултет во Прилеп, коментира: „Се создава цела армија на маргинализирани млади граѓани, кои го дале својот максимум во својот тогашен интелектуален развој, завршувајќи определено високо образование и инвестирајќи во сето тоа материјални средства и интелектуален труд. Но, без никаков ефект. Тоа е лична драма и личен проблем и зборува за голема неефикасност на постојниот економски систем. Децентрализацијата на високото образование, спроведена со најдобри намери пред неколку години, создава несоодветни кадри за кои пазарот на труд нема потреба.“
Од Агенцијата за вработување се констатира: „Неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на труд, која е присутна подолго време, е една од причините за потребата за преквалификација на постојната работна сила. Тоа е еден од главните предизвици на политиката за вработување.“
Печијаревски се надоврзува: „Намалувањето на невработеноста може да се постигне само со порадикални реформи на економскиот систем, која треба да биде логистички поткрепена со реформи на правниот и образовниот систем. Тоа ќе води кон поволен макроекономски амбиент. Од големо значење е да дојде до усогласување меѓу профилите кои ги бара пазарот на трудот и кадрите што ги создава високообразовниот систем.“
Агенцијата за вработување, како што се вели во изјавата на оваа институција, презема активности „насочени кон поуспешно поврзување на понудата и побарувачката на работната сила“:
„Заради зголемување на вештините и знаењата, за преквалификација и доквалификација на невработените лица, во 2012 година на обука кај познат работодавач биле 322 лица, од кои 39 се млади на возраст до 27 години. Од вкупниот број, околу 52 отсто се во работен однос. На обука и за барани занимања на пазарот на трудот биле 216 лица, од кои 42 отсто млади на возраст до 27 години. Од овој вкупен број околу 29 отсто се во работен однос. Во тек е и спроведувањето на мерките и за 2013 година“, се наведува во изјавата на Агенцијата.
Дали преквалификацијата во образованието е вистинското решение за проблемот?
ДВ направи обид да поразговара со дел од оние, кои морале да се преквалификуваат, со цел конечно да најдат работа, но нема подготвеност јавно да се проговори за своите проблеми. Еден 43-годишник од Тетово, кој сака да остане анонимен, стасал и да магистрира на еден од факултетите за општествени науки, по 12-годишно безуспешно барање работа, во последниве неколку месеци решил да се преквалификува за сосема нова професија, со надеж дека ќе успее да се вработи во една институција. Но, заради тоа ќе мора повторно да студира и да се изложува на нови трошоци. „Владата ни го пропагира ’доживотното учење’, а јас, сакал – не сакал, ќе морам токму сега да го правам тоа паралелно со син ми, кој е двојно помлад од мене. Потрошив десетина години од животот и 6 – 8 илјади евра за претходното образование. Сега свесно се откажувам од него и пак сум на почеток“, рече за ДВ овој тетовец.
Неодамна во Тетово беше промовиран проектот „Младинска мрежа за здобивање вештини за вработување“, кој се реализира во шест градови во земјата со финансиска поддршка на американската агенција „УСАИД“. Тогаш беше објавена и анализата на пазарот на трудот во Тетово со анкетирани работодавачи од 61 компанија. Во таа анализа стои дека во државниот и Штуловиот универзитет во Тетово во 2011 година имало вкупно 1309 дипломирани студенти, а од тоа дури 661 дипломци биле од правните и економските факултети на овие два универзитета.
Од сите луѓе без работа во земјата повеќе од половината се млади
„Работодавачите рекоа дека има преголема продукција на дипломирани економисти и правници. За наредниве години ќе бидат потребни машински и градежни инженери, сметководители, дизајнери за ентериери, технолози за разладни уреди... Од средношколските профили недостасуваат столари, ѕидари, заварувачи, бравари, оператори за обработка на мебел и дрво... “, нагласуваат во регионалната агенција за претприемништво во Тетово.
Ѓорѓи Кушевски, раководителот на споменатиот проект заклучува: „Треба да им се помогне на младите подобро да се подготват за вработување. Врз основа на таа анализа за пазарот на трудот, треба да се изработи стратегија за вработување на младите, за да се планираат подобро образовните политики во Тетово. Значи, да се образуваат младите за оние струки и профили, кои му се потребни на бизнис – секторот.“
Во Македонија сега, според тврдењата на државните институции, има околу 225 илјади невработени лица, но експертската и економската јавност сметаат дека реално има повеќе од 300 илјади. Кога ќе се земат предвид сознанијата на Меѓународната организација на трудот и на други релевантни меѓународни организации дека младите во државата во последните неколку години учествуваат со дури 53 – 55 отсто во вкупниот број на невработени, тогаш може да се согледа сета алармантност на ситуацијата во која е наоѓа младата популација. Таа прифаќа и да се преквалификува, да извршува какви било и физички работи, само да дојде до работно место и парче леб.