1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите како амбасадори на културата

Нина Веркхојзер17 март 2009

Министерството за надворешни работи на Германија започнува со програма, која предвидува млади луѓе да заминуваат на доброволна служба шест или 12 месеци во германските културни институции во странство.

https://p.dw.com/p/HDxw
Седиштето на Гете институтот во Ташкент е едно од стотиците места каде што можат да волонтираат младите ГерманциФотографија: Goethe-Institut

Досега младите заминуваа во странство како волонтери со цел да се занимаваат пред се’ со социјални проекти. На ред дојде и културата. Министерството за надворешни работи сака да ги ангажира и во проекти од културата.

Младите би требало да бидат амбасадори на германската култура, на Гете институтот во германските училишта или пак во ограноците на Германскиот археолошки институт, кои се активни во странство. Програмата носи име „културен простор“ и има задача учесниците да ги запознаат со различни култури, а домаќините со германската култура.

„Ние знаеме дека младите на тој начин запознаваат други култури и оти можат да придонесат за создавање позитивна слика за Германија. Можеме веќе да кажеме дека со тоа тие стануваат партнери на министерството за надворешни работи“, вели Гернот Ерлер, државен секретар во министерството.

Deutsch lernen_Broschüre
Учењето германски јазик е во фокусот на програмата на млади волонтери во културата

Шанса и за земјата домаќин

Оваа година се понудени 120 волонтерски места, а за наредната се предвидени 400. Младите би требало во странство да поминат меѓу шест месеци до една година, но, не како ефтини практиканти, нагласува Дитер Леман, претседател на Гете институтот.

„Ќе ги ангажираме младите на вистински начин. Тоа значи дека тие ќе преземат одговорност. Ќе работат на подготовка на приредби во рамките на програмата и ќе проследуваат информации. Ќе не поддржуваат во проектите за изучување јазик. На тој начин се нуди голема шанса и за земјата домаќин.“

Леман смета на големо интерес кај младите. Притоа оваа работа во странство би можела да се смета како цивилно служење на воениот рок за оние кои ја одбираат таа алтернатива. И Ханс Јоаким Герке од Германскиот археолошки институт очекува голем интерес за работа на ископините во регионот на Средоземното море.

„Веќе имаме предвид некои ископувања, што се посебно атрактивни. Меѓутоа таа работа е ограничена, бидејќи веќе работиме со луѓе од земјите кадешто се вршат ископувањата. Тоа од друга страна е предност, бидејќи младите ќе бидат во непосреден контакт со домашното насаление“, вели Герке.

Размислување надвор од германската култура

Alte Kirche entdeckt in Syrien
Археолошките ископувања се најатрактивни за волонтеритеФотографија: picture-alliance/ dpa

Целиот проект ќе го координира одделот на УНЕСКО во Германија. Тој ќе ги прима пријавите и ќе се грижи за учесниците во проектот.

21-годишниот Тим Батрел веќе бил во странство како волонтер. Тој престојувал една година во Хондурас, како учесник во еден социјален проект. Пари за тоа позајмил од пријатели и роднини.

Тој смета дека проектот „Културен простор“ е добар бидејќи е поддржан од државата. На тој начин трошоците за пат и престој се платени. Покрај тоа учесниците во проектот се здравствено осигурани. За него престојот во Хондурас бил од големо значење, бидејќи на тој начин тој научил дека светот може да биде поинаков од оној што му е нему познат.

„Таму секако ќе научите како да размислувате и надвор од рамките на германската култура. Се’ е релативно, кога ќе видите дека во светот се’ може да биде поинаку“, вели Батрел.