1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Германци - најдобри во фудбал во Европа!

30 јуни 2009

Младата германска репрезентација до 21 година, У21, е европски првак во фудбал. Германскиот тим ја победи репрезентацијата на Англија со 4:0.

https://p.dw.com/p/Ie1u
Фотографија: AP

Германците го одбранија имиџот на репрезентација која игра добро на европски и светски првенста. Во последните осум меѓусебни дуели со Англија, Германија ниту еднаш не победи. Но, токму во финалето на европското првенство во Шведска ставен и‘ е крај на оваа негативна серија, и сега Германија е европски шампион.

Заслужено. Зашто, по почетните тешкотии, младата репрезентација на Германија играше борбено и постојано напаѓаше. Во 23 минута Гонзало Кастро го постигна првиот гол, по кој Германците играа многу посамоуверено и ја диктираа играта. Вториот гол падна непосредно по паузата на полувремето. Најдобриот германски играч, Месут Озил го даде својот прв гол на турнирот. Но, наместо да се повлечат во дефанзива и да го бранат резултатот, Германците и натаму работеа на создавање шанса за гол. Напаѓачот Сандро Вагнер ја зголеми предноста на 3 спрема 0, а непосредно по третиот гол го даде и четвртиот за својот тим.

Horst Hrubesch beim Erfolgsjubel der U21
Тренерот Хорст Хрубеш по победатаФотографија: AP

„Се залагавме многу на првенството. Првите три натпревари, со исклучок на Шпанија, не беа многу добри. Од полуфиналето почна да станува добро и сега мора да се каже - покажаа што можат“, изјави гордо по натпреварот тренерот Хорст Хрубеш. Играчот од одбраната, Матс Хумелс, среќно додава: „Толку бевме возбудени пред натпреварот, секој му даваше поддршка секому. Се поттикнувавме меѓусебно и беше едноставно невозможно да не се победи. Заслуживме добра прослава вечерва“.

Автор: Сара Фаупел / Елизабета Милошевска - Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска