1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Британци ја поддржуваат ЕУ

Џоана Импеј / Александар Методијев19 јануари 2013

Кога се чинеше дека евроскептиците во Британија добиваат на сила, ново истражување на јавното мислење покажа генерациска поделба во однос на поддршката за ЕУ.

https://p.dw.com/p/17NUI
Фотографија: lightpoet/Fotolia

Две третини од младите Британци на возраст од 18-24 години би рекле „ДА“ за членството во „ЕУ“ - тоа го покажува новото истражување спроведено од британската агенција за истражување на пазарот ЈуГов.

Сепак, истражувањето покажува 12 процентно водство на оние кои сакаат да ја напуштат ЕУ. Меѓу Британците над 60-годишна возраст тој број е посебно висок - 61 процент. Зошто евроскептицизмот преовладува меѓу старите луѓе во Британија? И, зошто е поверојатно дека младата генерација го поддржува европскиот проект?

Корист за младината

David Cameron
Говорот на Камерон одложен на неопределено времеФотографија: Reuters

Се чини дека младите луѓе повеќе чувствуваат дека лично имале полза од британското членство во ЕУ. Многу од нив, според истражувањето, ги уживаат придобивките од слободното патување во Европа, како и социјалните и работнички права. Само еден меѓу пет лица на возраст меѓу 18 и 34 години тврди дека лично нема полза од членството на Велика Британија во ЕУ, споредено со половина од оние на возраст над 60 години.

Џон Вестниџ е еден од оние млади Британци кои ја искористиле предноста на сето она што Европа може да го понуди. Тој студирал европски јазици на универзитет и сега е претседател на Младинското европско движење - организација водена од млади луѓе за млади луѓе, кои се интересираат да откријат повеќе за ЕУ.

„Јас имав полза од тоа што Европа стана полиберален и меѓународен континент. Јас исто така имав ќар од слободата на движење, од тоа што можев да студирам на Сорбона во Париз и што можев да живеам во Шпанија и во Милано. Мојата девојка е Германка и ја запознав во Шпанија“, објаснува тој во разговорот за Дојче веле.

„Исто така и многу од моите пријатели се од други европски земји, а живеат во Лондон. Меѓународната природа на Лондон го прави многу поинтересен град за живеење“, додава Вестниџ.

Bildergalerie Großbritannien 150 Jahre U-Bahn London Logo bei Big Ben
Лондон добива меѓународен изгледФотографија: picture-alliance/dpa

„Новата визија“ на Камерон за Европа

Податоците од анкетата беа објавени во време кога владејачката Конзервативната партија повикува на напуштање на ЕУ. Премиерот Дејвид Камерон вчера (18.01) планираше да одржи говор на оваа тема, но беше принуден да го откаже поради заложничката криза во Алжир. Кога конечно би можел да зборува, тој се чини дека нема да може да смета на поддршката од младите гласачи.

„Јас верувам дека многу од проблемите со кои ќе се соочиме во иднина како земја и како свет треба да се решаваат преку работа со останатите земји, наместо да се изолираме и да се обидуваме сами да ги решаваме проблемите“, рече Вестниџ.

„Младите луѓе се пораснати во многу поглобализирана средина, така што луѓето кои имаат сега 18 години е малку веројатно дека ќе се навраќаат на времето кога интернетот не постоеше. Тие себе си се гледаат како граѓани на светот“, објаснува Џо Твајман, дирекотр на политички и социјални истражувања во ЈуГов.

Но, Твајман додава дека, според британските демографски податоци, гласачката моќ е во рацете на старата популација, така што еврофилите би требале да гледаат на податоците од анкетата со воздржаност.

„Постарите луѓе се оние кои поверојатно е да гласаат и тоа е суштинско ако се случи референдум“, додава тој во разговорот за Дојче веле.