1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младенов: Македонија во ЕУ е приоритет за Бугарија

23 јуни 2011

Шефот на бугарската дипломатија Николај Младенов за ДВ вели дека спорот за името треба да го решат исклучиво Скопје и Атина и оти фокусот мора да биде на заедничката иднина на Балканот, а не на интерпретации на минатото.

https://p.dw.com/p/11i5l
Фотографија: DW

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов, во разговорот за Дојче веле нагласува дека еден од приоритети за Бугарија е сите нејзини соседи од Западен Балкан да бидат дел од европските структури.

„Тоа е најдобрата гаранција за нашата економија, за нашата безбедност за развивањето на целиот регион. Во моментов ние работиме на утврдување на конкретните пречки кои стојат на патот на интеграцијата на земјите од регионот во Европа и ние работиме заедно со нашите партнери и на нивно надминување.“

Младенов тука како пример го наведува дијалогот меѓу Приштина и Косово, што е од клучен интерес за стабилноста на Балканот или пак случајот со наследството на ЈНА во Босна и Херцеговина.

„Се разбира има уште многу други прашања, но ако сите имаме конструктивен пристап и помагаме во реформите за регионалната соработка и добрососедските односи, тогаш Балканот ќе се интегрира побрзо во Европа.“

Проблемот со името треба да се реши меѓу Македонија и Грција

Во однос на проблемот со името на Република Македонија, шефот на бугарската дипломатија вели:

„Проблемот со името меѓу Македонија и Грција треба да се реши меѓу Македонија и Грција. Но, треба да се реши на таков начин што ќе и дозволи на Македонија да напредува и да ги симне од дневниот ред на регионот сите теми кои можат да се претворат во трн во односите меѓу земјите од Балканот. Имаме доволно заедничка иднина на која треба да работиме заеднички и конструктивно, што е во интерес на македонските и бугарските граѓани и на сите на Балканот. Ние треба да бидеме фокусирани на тоа, а не на минатото и неговите интерпретации.“

На нашето прашање дали има промена во бугарската политика кон овој проблем, во контекст на изјавите на претседателот на Бугарија, Георги Прванов, Младенов нагласува:

„Бугарија кажала повеќе пати, кажала дека тоа е прашање кое треба да се реши меѓу Македонија и Грција, меѓу Скопје и Атина. Но, уште еднаш велам дека тоа треба да се реши на таков начин со што ќе бидат затворени сите теми и ќе и се дозволи на земјата да оди нанапред.“

Nikolai Mladenow Aussenminister Bulgarien
Фотографија: AP

Кои се идните чекори кои треба да ги направи Македонија

И токму за понатамошните чекори на Македонија во евроинтеграциите, бугарскиот министер за надворешни работи објаснува:

„Името е едно прашање. Големото прашање за мене има три елементи: првиот е реформите, кои се спроведуваат од една страна за да се усогласат со европското законодавство; вториот е на каков начин работи земјата за да помагне во регионалната соработка и третиот е да има добри односи со соседите. Тоа се комплетните прашања кои не се однесуваат само на Македонија, туку и на сите други земји од Западен Балкан и кои сакаат да станат членки на ЕУ. Тоа е патот, кој сите го имаме поминато.“

На прашањето: Дали годинава може да се очекува датум за преговори за Македонија?, Младенов вели:

„Сега на дневен ред е завршувањето на преговорите со Хрватска, тоа е приоритетот кој сите сме го поставиле и тоа е реалниот приоритет кој треба да се исполни. Сега откако поминаа изборите во Македонија време е да се преземат и тешки решенија поврзани со постигнување на компроимис по прашањето со името за да се оди напред.“

Бугарско-македонските односи можат уште да се развиваат

Односите меѓу Македонија и Бугарија тој ги оценува вака:

„Тие се добри, но има многу поголем потенцијал од тоа што е во моментов. Се разбира тоа што секогаш создава едно непријатно чувство, тоа се постојаните напади на Бугарија во македонските медиуми за што нема причини. Нашата земја беше првата која ја призна независноста на Македонија. Секогаш помагала за независноста и исклучително во најтешките моменти кога, како последица на кризата во Косово во Македонија имаше сериозни безбедносни предизвици. Со ништо ние не и пречиме на Македонија и секогаш вистински сме и помогале кога беа санкциите против Југославија, тогаш дотурот на стоки во Македонија минуваше низ Бугарија. Ние ќе продолжиме и понатаму категорично да ја поддржуваме Македонија на патот на европската интеграција.“

Одлуките на ЕУ се политички

На нашето прашање, дали за Бугарија беше разочарување што другите земји од ЕУ не донесоа одлука за проширување на Шенген зоната кон Бугарија и Романија иако технички тие ги исполнија условите, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Младенов одговара:

„Кога си дел од ЕУ, сите дискусии се водат спокојно и врз основа на заедничките правила. Јас сум сигурен, дека одлуката за Шенген ќе биде донесена во моментот, кога тоа ќе биде најдобро и за Бугарија, и најмалку создава неудобност на тие кои стравуваат, не од присоединувањето на Бугарија и Романија кон Шенген, туку од општата ситуација со имиграцијата во Европа. Се’ е политика во животот, особено за Балканот“, заврши Николај Младенов во разговорот за Дојче веле.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски