1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младата Борусија не се поклонува пред „кралевите“

А. Стен-Цимонс/Б. Георгиевски25 октомври 2012

Борусија Дортмунд и Шалке покажаа дека можат да се натпреваруваат и со најсилните тимови во Лигата на шампионите. Борусија го совлада Реал пред своите навивачи, додека Шалке го совлада Арсенал сред Лондон.

https://p.dw.com/p/16W5G
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот првак покажа дека може да се носи и со најсилните екипи во Европа. Во извонреден меч на распродадената Сигнал Идуна (66 илјади гледачи) Борусија го совлада актуелниот шпански првак Реал Мадрид со 2:1 во меч од групата Д.

Првите 30-ина минути од мечот минаа без поголеми шанси на обете страни се’ до грешката на дефанзивецот на гостите Пепе, чие лошо додавање го пресече Кел, а по додавањето до Левандовски, Борусија го презеде водството во 36. минута.

Само две минути му требаа на Реал за да го возврати ударот. По извонредното додавање на Езил, Роналдо го лобуваше голманот Вајденфелер, па на полувремето се замина со нерешен резултат.

Во вториот дел, Борусија не се задоволи со реми, туку продолжи со нападите врз голот на гостите. Наградата дојде во 64. минута, кога Шмелцер го искористи кусото одбивање на Касиљас и со полуволеј и донесе нова предност на Борусија. До крајот на мечот се играше брзо, но не и ефикасно. И двата тима напаѓаа, но резултатот остана непроменет за голема радост на младите играчи на домашниот тим.

Во оваа група Ајакс го изненади Манчестер Сити совладувајќи го со 3:1 во Амстердам, па сега Борусија е на чело на табелата со 7, пред Реал со бод помалку.

Заслужена победа за Шалке

За заокружување на одличниот настап на германските екипи во третото коло од Лигата на Шампионите, по победата на Бајерн во вторникот, се погрижи и Шалке. Екипата од Гелзенкирхен го совлада на гостувањето во Лондон, Арсенал со 2:0. Стрелци на головите беа холандските интернационалци Хунтелар и Афелај во второто полувреме. Шалке одигра одличен меч, во кој не му дозволи на домаќинот речиси ниту една стопостотна шанса за гол.

Arsenal - FC Schalke 04 Champions League Gruppe B
Клас Јан Хунтелар во акција на мечот против АрсеналФотографија: picture-alliance/dpa

„Пресреќен сум. Во првиот дел игравме по малку и со страв, но во вториот дел бевме одлични“, изјави тренерот на Шалке, Хуб Стевенс.

Со трите бода, Шалке го презеде врвот на табелата во групата Б со 7 бодови, пред Арсенал со 6 бода од три натпревари.