1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митровица по договорот Косово-Србија

Рефки Алија / Александар Методијев2 мај 2013

Повеќето Срби не го поддржуваат договорот, а Албанците и резервираноста, сметаат дека ќе дојдат подобри денови. Некој од страна не може, а да не ги забележи разликите, но и сличностите во 14. години поделената Митровица.

https://p.dw.com/p/18PhP
Фотографија: DW/R. Alija

На северот од Митровица, освен во Бошњачкото маало, каде се изградени повеќе станбени блокови, други градби речиси и да нема. Некои улици и натаму се со калдрма, а пароли и натписи со „патриотски пораки“ намерно се истакнуваат во центарот. Кафеаните се полни со гости, голем е бројот на автомобили без регистрации, а се стари и по неколку децении. Во центарот се продаваат овошја, зеленчуци, текстил, девизи и што ли уште не – а, сето тоа се одвива на улица.

Србите со договорите никогаш ништо не добиваа

Многумина, па и некои колеги новинари, избегнуваат да зборуваат за договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Една од оние кои се согласува да зборува е Звездана Јанковиќ, апсолвентка на филозофскиот факултет, која вели дека е песимист, иако признава дека договорот не и е јасен.

„Што се однесува до Србите, никогаш ништо не добивме со постигнувањето или парафирањето, како што вели нашиот премиер Дачиќ, на какви било договори до сега. Така што не верувам ниту дека овој нешто ќе може да промени на подобро. Дури и ќе биде полошо“, смета студентката Јанковиќ.

Таа не верува дека на повидок е подобрување на животните стандарди. Решението смета дека не е ниту во „финансиските инјекции“.

„Она што нам ни треба е заздравувањето на економијата. А, она што за жал е тажен факт е дека никој не сака да инвестира во трусни подрачја“, вели Јанковиќ.

Србин се ожени со Албанка и се пресели во јужниот дел на градот

На главниот мост, од северна страна, огромни количини песок. Некои граѓани пеш минуваат од една на друга страна. Припадниците на косовската полиција седат на средината на мостот во ладовина, а малку подалеку се и италијанските карабинери. Во јужниот дел од градот е некако поживо. Забележлива е изградбата на повеќекатници, има повеќе зеленила и паркови, а летните бавчи се преполни со посетители.

Bildergalerie Mitrovica
На едниот крај од мостот се’ уште стои купот истурен песокФотографија: DW/R. Alija

Изет Салији, поранешен работник во Трепча, кој сега живее со парите кои му ги испраќа синот од Германија, со поголем оптимизам гледа на иднината.

„Добро е. Постигнат е тој договор, па малку се смири ситуацијата. Се надевам дека ќе биде подобро како за нас, така и за Србите“, вели тој и смеејќи се додава дека неодамна „еден Србин, кој живее северно од Ибар, се оженил со Албанка од југот. Бидејќи тоа не го прифаќале неговите, преминал и веќе еден месец живее кај мајката и таткото на жена му“.

Салили верува дека договорот ќе ја подобри економската ситуација на сите во градот, без оглед на националната припадност.

„Треба малку да зајакне економијата. Верувам дека сега ќе има повеќе донатори и дека ќе излеземе од овој ќор-сокак“, вели Изет Салији.

Политичарите работат за својот џеб

Иако градот е поделен, има многу работи што ги поврзуваат граѓаните од едната и другата страна на Ибар. Невработеност, лоши патишта, вода, струја, недостаток на училишта, болници – се само од некои од нив.

На мнозинството Срби и Албанци им е преку глава од препукувања и што политичарите, како што велат, повеќе работат за себе отколку за оние што ги избрале. Звездана Јанковиќ тоа вака го објаснува: „Кога е во прашање тој, да кажам локал-патриотизам, тогаш сите сме големи, тогаш сите сме браќа. Меѓутоа, кога малку ќе се прочепка, ќе се покаже дека добар дел од нив работат за своите лични интереси“.

Bildergalerie Mitrovica
Изет Салији вели дека џамиите и црквите не пречат и не треба да се палатФотографија: DW/R. Alija

Така зборува и Салији: „Повеќе работат за себе и за својот џеб, отколку за народот. Колку имаме сиромашни, а на друга страна – од каде толку милионери?“

Цркви, џамии и барикади

И отрезнувањето, кога станува збор за минатото, е заедничка особина на двајцата жители на Косовска Митровица.

„Никогаш не би запалил црква. Како и џамијата, така и црквата – тоа се свети куќи. Тоа не беше добро ниту за нас, ниту за Србите. Што ни прават црквите и џамиите, па да ги палиме“, се кае Салији.

Звездана Јанковиќ вели дека таа, но и многу нејзини сограѓани, повеќе не би оделе на барикадите кои се организирани на северот.

„Луѓето кои на почетокот им зборуваа дека треба да бидат на барикадите, дека треба да дежураат на нив, на крајот самите тие луѓе рекоа – е, веќе нема потреба од тие барикади, ајде тргајте го сето тоа, одиме од почеток“, вели апсолвентката Јанковиќ.

Јасна Шќекиќ, дописник за Радио Слободна Европа од Митровица, забележува дека суштински се’ уште ништо не се променило по овој договор, но дека е забележителна одредена доза на „паника и страв меѓу Србите“.

„Кога велам паника, мислам на неизвесност дали ќе останат или нема да останат српските институции, дали Судот во Митровица ќе суди според законите на Косово, дали студентите на дипломите ќе имаат печат на Србија или Косово... Што се однесува до нашите сограѓани, Албанците од северот – и тие се согласуваат дека примената на договорот ќе биде тешка. И тие имаат свои проблеми кои се однесуваат на слободата на движење, невработеноста и исклучително лошата социјално-економска ситуација“, заклучува новинарката Шќекиќ.