1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митрева: “Македонскиот пат кон ЕУ“

9 мај 2006

Македoнската министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, за македоснкиот пат кон ЕУ, говореше пред претставници на австриската политика, дипломатија и економија.

https://p.dw.com/p/Ac6q

“Првпат во историјата Македонија го слави денот на Европа како земја кандидат за членство во унијата“, рече вчеравечер пред високи политички претставници на Австрија, луѓе од бизнисот и дипломати, македонската министерка за надворешни работи, Илинка Митрева.

Митрева говореше за македонските напори да се стане дел од унијата, ги наведе тековните реформи кои се спроведуваат во земјата, успешно решените проблеми во досегашниот тек на процесот на приближување и го даде македонскиот рецепт за влез во ЕУ: “Дијалог наместо сила, компромис наместо конфликт и толеранција наместо исклучување“

Она, што според шефот на македонската дипломатија особено треба да се истакне е македонската заложба за соработка во регионот: “Особено сме горди на фактот што Македонија и натаму со несмалена посветеност ја остварува својата лидерска улога во регионалната соработка. Мислам дека ќе се согласите дека денеска на Балканот владее нов дух на солидарност, партнерство и соработка.

Што се однесува до регионалните прашања, Митрева рече дека оваа 2006-та година е сособено важна за Балканот, во кој моментно доминираат пред се две прашања – Косово и неговиот статус и референдумот во Црна Гора. На крајот од своето обраќање, кое се одржа во организација на неколку австриски институти кои се занимаваат со политички и европски прашања, македонската министерка за надворешни работи порача: “Европската архитектура нема да биде комплетна без земјите од Балканот. Затоа европската политичка реалност треба да е насочена кон Балканските земји. “

Вчера, шефот на макеоднската дипломатија, во Виена разговараше и со австрискиот претседател, Хајнц Фишер, кој рече дека австриската поддршка на патот на Македонија кон унијата продолжува и дека е важно и натаму да се работи на реформите. Митрева, ос своја страна, нагласи дека Македонија се подготвува да одржи фер и демократски избори и искажа задоволство проади одлуката на ЕК за преговори за олеснување на процесот на издавање визи за македонските граѓани, што е преоден чекор кон либерализација на визниот режим.