1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

271109 Portrait Hoeneß

29 ноември 2009

Со годишното собрание на крајот на ноември, на германскиот фудбалски клуб-рекордер во титули - Бајерн Минхен, заврши една ера - Ули Хенес ја напушти досегашната позиција.

https://p.dw.com/p/KkKc
Ули ХенесФотографија: dpa

По 30 години на местото менаџер на клубот, Ули Хенес го презема претседателското место на Бајерн, односно седнува во фотелјата на Франц Бекенбауер, кој во иднина ќе биде почесен претседател на клубот.

„ФЦ Бајерн е ФЦ Ули Хенес. Она што тој го направи со клубот во изминатите 30 години е сензационално!“, вели голманот-легенда Сеп Мајер.

Оценка што не е претерана. Ули Хенес како играч со Бајерн Минхен трипати беше германски првак и трипати победник на Европскиот куп. Со репрезентацијата стана европски првак во 1972, а во 1974 година ја освои и титулата светски првак. Но, поради повреди, хенес уште на 27-годишна возраст мораше да се откаже од активниот фудбал. Во 1979 година седна во менаџерската фотелја. Поранешниот тренер на Бајерн, Феликс Магат, кој денеска е во Шалке 04, вели: „Јасно е дека никој во последните години и децении не го менаџирал толку добро својот клуб, како Ули Хенес. Оттука, во основа тој си направи споменик во Минхен поради она што го направи од Бајерн Минхен.“

Flash-Galerie Vorstandsmitglieder Franz Beckenbauer Karl Heinz Rummenigge und Uli Hoeness
Франц Бекенбауер, Карл-Хајнц Румениге и Ули Хенес (од лево кон десно)Фотографија: AP

И покрај се‘ - приземен

Во времето на Хенес клубот стана претпријатие со 300 милиони евра обрт годишно. А, и на спортски план, успехот е солиден - триумф во Лигата на шампиони, победа во купот на УЕФА, 15 германски првенства, осумпати победник на Купот.

„Секогаш се обидував да му служам на ФЦ Бајерн. Секогаш се обидував да го носам клубот напред. Мислам дека кога ќе го видам целиот Бајерн Минхен, тоа не ми појде лошо од рака“, оценува задоволно Хенес.

Ули Хенес, кој е сопственик на фабрика за колбаси во Нирнберг, и покрај успесите остана приземен и скромен. Од 1974 година со семејството живее во куќа-лепенка во Минхен.

Автор: Штефан Нестлер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска