1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мисијата на Мајка Тереза продолжува

26 август 2010

Денес се навршуваат 100 години од раѓањето на Мајка Тереза, големата хуманистка, која светот ја запамети како „жената мала по стас, но со џиновско срце“. Хуманата мисија продолжува со сестрите од нејзиниот ред.

https://p.dw.com/p/Owfi
Мајка ТерезаФотографија: picture-alliance/ dpa

Делото на големата хуманистка, скопјанката Гонџа Бојаџиу или Мајка Тереза како што ја познава светот, продолжува да се негува. „Мајката на сиромашните“ 13 години повеќе не е меѓу живите, но нејзината мисија не запира. Она што започна пред 60 години, кога Мајка Тереза ја основа „Конгрегацијата на Мисионери на љубовта“, чија главна цел е да се сакаат и да им се помогне на оние кои од никого не се сакани, продолжува да функционира насекаде низ светот, вклучително и во нејзиниот роден град.

Сестрите помагаат секому

Mutter Teresa
Мајка ТерезаФотографија: picture-alliance / united archives

Двокатната куќа во скопската населба Кисела Вода, повеќе од триесет години е дом на четири сестри од Редот на Мајка Тереза. Формирана во 1980 година, лично од Мајка Тереза при нејзината трета посета на Скопје, хуманата мисија секојдневно несебично се грижи и им помага на болните, сиромашните, хендикепираните. Срж’та на работата на четирите сестри, кои секој ден го започнуваат со утринска молитва е желбата да им се служи на сиромашните во име на Божјата љубов, објаснува за Дојче веле, сестра Анџелина, главната во редот на Мајка Тереза во Македонија:

„Во Скопје делуваме од 1980 година од кога Мајката со четири сестри дојде во Скопје. Во оваа куќа сме од 1986 година. Помагаме со лекови, со храна, имаме менза за луѓе кои се хранат. Посетуваме болни и сиромашни. Нашата мисија е да ја угасиме жедта на Исус кога бил распнат на крст. Тоа значи дека тој не е жеден за вода туку за љубов, тоа е нашата мисија“.

BdT Indien Mutter Teresa 11. Todestag Gedenken in Kalkutta
Сестрите од редот на Мајка ТерезаФотографија: AP

Хуманата мисија на сестрите значи живот за многумина. Пензионерката Верка Филиповска која ја затекнавме пред куќата на сестрите е благодарна што со нивна помош секојдневно ги добива неопходните лекови. Вели, без нивна помош нема да преживее. „Благодарна сум им многу и тоа е доволно што го прават за мене“, вели тетка Верка.

Афирмација на ликот на блажената преку Спомен куќата

Од пред година и половина во Скопје е отворена Спомен куќата на Мајка Тереза, каде достојно се афирмираат нејзиниот лик делото и вредности, објаснува за Дојче веле Рената Кутера Здравковска, директор на Музејот: „Македонија го дочека јубилејот со музеј во кој не само фактографски се презентира животот и мисијата на Мајка Тереза, туку секојдневно се обидуваме да ги пренесеме и нејзините вредности и на посетителите и на учениците кои присуствуваат на едукативните проекти. Имаме одлична соработка со сестрите од редот на Мајка Тереза. Се консултираме со нив за одредени проекти и таа соработка е сосема коректна.“

Mutter Teresa Friedensnobelpreis 1979
Мајка Тереза добитник на Нобеловата награда за мирФотографија: picture-alliance/dpa

Мајка Тереза инаку е родена на 26 август 1910 година во Скопје, како трето дете во познатото семејство Бојаџиу. Во родниот град живее до 18-та година кога одлучува да одговори на повикот да му служи на Бога и да замине во Индија. За својата несебична работа таа има добиено 700 награди и признанија, вклучително и Нобеловата награда за мир. Почина во Калкута на 5 септември 1997 година. Мисијата на сестрите од редот на Мајка Тереза денес брои околу пет илјади сестри во 757 мисии во 154 земји.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема