1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировна награда за писателот од Трст

20 јуни 2009

Мировната награда на германските книжари, едно од најзначајните литературни признанија во Германија, оваа година му припаѓа на италијанскиот писател Клаудио Магрис. Таа традиционално се врачува на Франкфуртскиот саем.

https://p.dw.com/p/IV8v
Клаудио МагрисФотографија: picture alliance / dpa

70 годишниот Клаудио Магрис стана славен преку ноќ во 1986 година преку неговата книга „Дунав, биографија на една река“. Со неа тој со години пред падот на Берлинскиот ѕид ја поттикна дебатата за исчезнатата Средна Европа. Тој постојано се навраќаше на проблемот на соживотот и на меѓусебното влијание на различните култури.

Предавство на утопијата

Што преостанало од митовите и еповите на западна Европа, големите приказни на утописката надеж? Со ова прашање се зафаќа Клаудио Магрис во своите текстови, есеи и патеписи, како и во неговиот засега единствен роман, „Слепци“, за кој ја доби наградата. Тема во книгата е жалоста за загубата на утопијата и нејзиното предавство.

„Да , апсолутна жалост, зашто иако се работи за книга која врши исклучителни разоткривања, постои извесна верност - не по одредени идеали од пропаднатите утопии, но сепак по овие чувства и вредности или прашањата кои ги поставила утопијата.“

Тој се придржува до речта на Брехт: „Промени го светот, нему му треба тоа“.

Умор од политиката

Клаудио Магрис како колумнист на весникот Кориере дела Сера редовно се вклучува и во политичките дебати и во еден мандат беше дури и пратеник во италијанскиот сенат. Тој е меѓутоа уморен од политиката, за Италија под власта на Силвио Берлускони не сака да зборува , порадо зборува за својата љубов кон морето.

„Морето, кое толку силно го чувствувам, не е на пример разбранувано, бурно како кај Конрад, туку мирно море, кое човек го гледа, го доживува во хоризонтална позиција, како можност сепак да можеш да му се предадеш на животот. “ Оваа љубов го карактеризира како типичен жител на Трст. Постојат малку пристаништа кои во својата вкупна архитектура толку го истакнуваат морето како Трст. Семејната приказна на Магрис инаку е типична за мешањето на народите во некогашната Хабсбуршка монархија:

Triest
Трст, градот кој го инспирира МагрисФотографија: PA/Bildagentur Huber

„Мојот дедо дошол во Трст од село на крајот на 19 век, мојата мајка беше од Далмација, со грчко-визаниско потекло. Дедо ми беше чуден тип, наполу генијален научник, кој работеше сам и стана речиси чудак, ние имаме и хрватски роднини.“

Национализмот со почетокот на 20 век во овој регион често ги разделува семејствата. Едната страна на неговата фамилија се решила за Италија, другата за Хрватска.

Поделениот Трст

Она што често се заборава, е дека не беше поделен само Берлин со железна завеса, туку и Трст. Од регион на преточување на јазици, дијалекти, култури и народи, Трст стана место на дефинитивни граници. Со тоа се вратија застојот и меланхолијата во градот. Кога човек ќе го сретне Магрис во некое од кафулињата во Трст, единственото место каде навистина може да пишува, иако тој таму во меѓувреме се чувствува речиси како туристичка атракција, во него ќе ја препознае оваа меланхолична црта.

Пред десет години почина неговата жена, писателката Мариса Мадиери. Таа му беше сопатничка на патувањата, прв читател и строг лектор, која често енергично ги кратеше неговите текстови. Кога Магрис зборува за морето и тагата за предадените утопии, зборува и за својата многу лична болка:

„Во таа смисла морето ми помогна во мрачните моменти во мојот живот, сепак да се свртам кон животот и кон светот. “


Автор: Томас Фитцел/ Жана Ацеска