Мирни протести во Тирана против апсењата во Македонија и Србија
7 мај 2012Во Тирана денеска без инциденти заврши протестот организириран од движењето „Нова Албанија“, под мотото „Во одбрана на нашите браќа, сестри и мајки Албанци во Македонија и Прешево“, за, како што велат, полициската акција „Монструм“ и за апсењето Албанци во јужна Србија осомничени за воени злосторства.
Како што објавија медиумите во Албанија, учесниците во протесниот марш, кои тргнале од плоштадот „Народни херои“ продолжиле до српската, а потоа пред македонската амбасада, носеле плакати на кои пишувало „Албанците муслимани не се терористи“, „Не, за неправдата врз нашите браќа Албанци“.
„Тука сме за да ги одбраниме вистината и правата на нашите браќа и сестри во Скопје и Прешево“, изјавил Едмонд Влашај, претседател на движењето.
Според информациите на албанските медиуми, македонското МНР побарало од албанските власти да ги преземат сите мерки за заштита на персоналот и објектот на Амбасадата на Македонија во Тирана.