1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерот не помислува на оставка

ЖА/дв/дпа/афп5 јуни 2013

Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие е под притисок поради аферата со беспилотни летала „Еурохок“. Но, тој одбива да даде оставка, иако признава грешка. Де Мезие вината ја префрла кај двајца државни секретари.

https://p.dw.com/p/18kD7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министерот за одбрана нема што да си префрли во врска со пропаднатиот мега-проект на германскиот Бундесвер, „Еурохок“, категорично изјави тој денеска (05.06) пред Комисијата за одбрана во Бундестагот. Напротив, министерот тврди дека спречил уште полошо, а во иднина ќе се информира подобро околу проектите за вооружување. Де Мезие остава простор за повлекување персонални консеквенци во министерството. Тој ги обвини своите двајца потчинети службеници, државните секретари Штефан Бемелманс и Ридигер Волф, за погрешна политика на информирање во аферата „Еурохок“.

За планираната одлука за прекинување на проектот министерот тврди дека бил информиран дури на 13 мај. Проблемите околу дозволата за употреба на беспилотно летало во Германија му биле прват предочени на 1. март 2012 година, но тогаш му биле претставени како решливи. Де Мезие денеска се соочува и со членовите на Комисијата за буџет во Бундестагот, за да објасни зошто Бундесверот потрошил повеќе од половина милијарда евра за проектот „Еурохок“, иако во Германија воопшто не постои дозвола за вакви беспилотни летала.

Министерството за одбрана се обидело да ги прикрие вистинските податоци за проектот пред Државниот завод за ревизија. Ревизорите добиле само замаглени документи. Дури по избивањето на аферата во медиумите, министерот за одбрана го запре проектот, кој пропадна поради немањето одобрение за летови во германскиот воздушен простор. Со тоа практично беа фрлени половина милијарда евра. Опозицијата поради тоа побара министерот за одбрана да одговори на прашањата пред Бундестагот.

Германската влада учествува во уште еден сличен заеднички проект за НАТО-беспилотно летало - „Глобалхок“. Германските трошоци заедно со САД се огромни, досега: 483 милиони евра. Експертите стравуваат дека и овој проект може да пропадне.