1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерка со темна боја на кожата разбива расистички бариери во Италија

Меган Вилијамс/Б. Георгиевски16 јули 2013

Откако стана министер за интеграција, Сесил Киенге е постојана цел на расистички и сексистички напади. Во земја каде имиграцијата е релативно нова појава, нејзиното именување предизвика жестока дебата.

https://p.dw.com/p/198FQ
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Откако д-р Сесил Киенге, која е родена во Конго, стана првиот италијански министер со црна боја на кожата во април годинава, мораше да се соочи со расистички и сексистички навреди од типот „Конголански мајмун“ или „член на бонга бонга влада“. Обата коментари дојдоа од членови на анти-имигрантската партија Северна Лига.

Последната навреда се случи минатиот викенд кога сенаторот Роберто Калдероли, заменик претседател на Северна Лига во италијанскиот Сенат порача дека на Киенге би и било подобро да „работи како министер во сопствената земја“. Потоа, на јавен митинг, ја споредувал Киенге со орангутан. „Ги сакам животните, мечките, волците... но кога ќе видам фотографија од Киенге веднаш помислувам на физиономијата на орангутан, иако не сакам да кажам дека таа наликува на него“, рече Калдероли. Сенаторот потоа објаснуваше дека се работело за „несреќна шега“.

Во јуни годинава, советничка на Северната Лига Долорес Валандро на својата Фејсбук страница отиде и чекор понатаму: „Зошто некој не ја силува Киенге за таа да разбере како се чувствуваат жртвите на ова злосторство?!“ Со својот коментар Валандро имплицираше дека имигрантите се одговорни за најголемиот дел од насилните напади врз жените во Италија. Коментарот предизвика бран жестоки реакции, дури и од членови на Северната Лига, кои бараа оставка од Валандро.

Roberto Calderoli italienischer Minster ist nach tragen eines T-Shirts mit Mohammad Karrikatur zurückgetreten
Роберто КалдеролиФотографија: AP

Нова реалност

Но Киенге, која живее во Италија од 1983 година, вели дека не ја плашат ваквите закани.

„Навредите и заканите против мене се случуваат затоа што сега сум видлива. Но тие во суштина се закани против секој кој се бори против расизмот и против насилството“.

По доаѓањето на функцијата, Киенге најави дека една од првите задачи ќе и биде да го смени законот со што ќе им олесни на децата на имигрантите родени во Италија да добиваат државјанство. Тоа дополнително ги разлути противниците на имиграцијата.

Polen Fußball UEFA Euro 2012 Italien Mario Balotelli
Марио БалотелиФотографија: picture-alliance/dpa

За разлика од некои други европски држави кои се соочени со проблемите со интеграцијата на мигрантите со децении наназад, за Италија ова е релативно нов проблем. Странците до 1990. година сочинуваа едвај 2 проценти од населението, но денес нивниот број достигна 7,5 отсто.

Во последниот период проблемот ескалираше и на фудбалските стадиони каде цел на навреди беа црните играчи, меѓу нив, дури и италијанскиот репрезентативец Марио Балотели, кој се закануваше дека ќе го напушти теренот.

Знаци на надеж

Но, именувањето на висок владин функционер, која не само што има африканско потекло, туку и директно ќе се грижи за маргинализираните имигранти, може да смени нешто во тој однос. Запрашана дали во Италија има расизам, Киенге дава умерен одговор.

Italienische Fans für Rassismus
Нацистички симболи на фудбалските стадиони во ИталијаФотографија: AP

„Тоа е тешко прашање. Секогаш велам дека Италија не е расистичка земја. Тоа е земја која мора да научи повеќе за имиграцијата и вредноста на различноста, и можеби тоа што недостасува е култура на имиграција“, изјави Киенге.

Некои нешта полека се менуваат на подобро. Во националниот парламент веќе има уште тројца членови кои се родени надвор од земјата. Неодамна избраниот градоначалник на северниот град Виченца, инаку вистинско упориште на Северната Лига, е имигрант кој дојде на местото на отворено расистичките настроен претходник.

Минатиот месец кога еден африкански бегалец со психички нарушувања уби неколку Италијанци со секира во Милано, Северната Лига се обиде да регрутира нови членови токму во таа населба. Но, партиските претставници беа избркани од населбата од локалните граѓани кои одбија да дозволат трагедијата да се користи за охрабрување на омразата кон странците.