Милош Земан е новиот чешки претседател
26 јануари 2013Моменталниот резултат покажува предност за Земан со 55,06 проценти од гласовите, со што тој ќе биде идниот претседател на Чешка, кој има во најголем дел церемонијална функција.
Неговиот противник, конзервативниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг засега има освоено 44,93 проценти од гласовите. Предноста на левичарот ја потврди и Чешката служба за статистика.
68-годишниот Милош Земан ќе го замени евроскептичниот претседател Вацлав Клаус, чиј втор и последен мандат завршува на седми март. Овие претседателски избори претставуваат први дирекни претседателски избори во Чешка. Претходно, шефот на државата се бираше во сложена постапка од двете комори на Парламентот. Надлежностите на новиот претседател на Чешка, кој има плата од 186.300 круни месечно (7.500 евра) сепак не се занемарливи.
Тој има право да именува и отповикува членови на Владата, судии, претседател и заменик на претседателот на Уставниот суд и назначува претседател и заменик претседател на Врховниот суд. Шефот на чешката држава простува и ублажува казни изречени од судот и може да го распушти Домот на пратениците. Тој потпишува закони и има право да врати на повторно разгледување еднаш усвоен закон од парламентарците, со исклучок на уставот. Претседателот на државата, исто така, именува претседател и заменик-претседател на Врховната ревизорска канцеларија и членови на одборот на Чешката народна банка. Самостојна Чешка досега имала двајца претседатели. Прв претседател на Чешка беше Вацлав Хавел, кој почина на 18 декември 2011 година.