1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошевиќ ќе биде погребан денеска

18 март 2006

Слободан Милошевиќ денеска треба да биде погребан во Пожаревац, во дворот на семејната куќа и без присуство на ниту еден член на семејството. Милошевиќ почина минатата сабота, од, како што утврди обдукцијата, срцев удар. Неговото тело од Хаг во Белград беше донесено во средата, а од четвртокот беше изложено во музејот “25 мај%, на Дедиње. Ковчегот претпладнево е префрлен на платото пред собранието на Србиј

https://p.dw.com/p/Ac82
Фотографија: AP

а и Црна Гора, каде напладне почнува комеморативен собир.

Погребот на Слободан Милошевиќ, поранешен српски претседател и претседател на СР Југославија, е закажан за 15 часот во Пожаревац. Србија категорично исклучи државен погреб. На церемонијата, организирана од Социјалистичката партија, се очекуваат десетици илјади луѓе, но присутен нема да биде ниту еден член на тесното семејство. Сопругата на Милошевиќ, Мира Марковиќ и синот Марко, како и братот на Милошевиќ, Борислав, се наоѓаат во Москва, додека неговата ќерка Марија е во Црна Гора.

Против Мирјана Марковиќ е покрената судска постапка за злоупотреба на службени овластувања. Доколку дојде во Србија, таа би имала обврска на 23 март да се појави на судење. Ќерката Марија, е огорчена од одлуката нејзиниот татко да биде погребан во Пожаревац, и најавува дека ќе покрене постапка за негова ексхумација за тој да биде погребан во Црна Гора. Марија Милошевиќ вели дека имотот во Пожаревац е наследство на нејзината мајка, а не семејна куќа.

Според најавите, во Пожаревац, треба да говорат неколку претставници на странски делегации и локални функционери на Социјалистичката партија. Во истовреме, пак, во 15 часот, во Белград, на плоштадот на Републиката, треба да почне неформалното собирање на противниците на политиката на Милошевиќ. Деновиве, по повод обидите за рехабилитација на погубната политика на Милошевиќ, веќе се огласија основачите на Народното движење “Отпор“. За Дојче Веле, Синиша Шикман од “Отпор“ вели:

“Недопустливо е Србија да заборави на десетиците и стотиците илјади жртви кои Слободан Милошевиќ свесно ги испрати во смрт, уништувањето на земјата и линчот што го преживеа огромен број луѓе. Сите ние граѓани на Србија мора да се спротивстваиме на политиката која се заканува од Милошевиќ да направи некаков лидер и светец. “

Инаку, правните застапници на Милошевиќ, вчера попладне повторија дека тој не бил адекватно лекуван и ги отфрлија инсинуациите дека Милошевиќ го опструирал своето лекување. Вчера, претседателот на Хашкиот трибунал, Фаусто Покар, изјави дека сите шпекулации оти Милошевиќ бил труен се погрешни:

“При обдукцијата не се најдени докази дека затвореникот бил труен“, рече Покар.

Според него, при токсиколошката анализа на крвта и ткивото пронајдени се траги од неколку препишани лекови, но не во отровни дози.