1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите - финансиери на развојот

Петер Штицле20 ноември 2008

Пари, што луѓе кои живеат и работат во побогати земји ги испраќаат на семејствата во земји во развој, се „тивка“ развојна помош. Малите износи во вкупен збир трипати ја надминуваат официјалната развојна помош.

https://p.dw.com/p/FyBp
Многу семејства во земји во развој живеат од пари од роднини на работа во развиените земјиФотографија: DW/Peter Deselaers

Меѓународните организации дејствуваат бавно, освен ако не станува збор за сузбивање на глобална финансиска криза. Шефовите на држави или на влади на Г8, групата на најразвиените индустриски нации и Русија, уште во 2004-та решија да се испитаат финансиските трансфери на мигрантите кон нивните татковини. Но, освен неколку студии, не се случи ништо посебно, се’ до свикувањето конференција во Берлин лани есента, за време на германското претседателство со Г8. Тогаш беа формулирани препораки, кои се внесени во заклучок на последниот самит на Г8, летоска во Хокаидо, Јапонија.

„Г8 се раководи од идејата дека нејзина главна задача е да ги воспостави вистинските услови, за луѓето кои се во неволја да можат да си помогнат самите себе си“, вели Дирк Кранен од германското министерство за финансии, кој ја организираше конференцијата во Берлин.

Три пати повеќе пари од мигрантите, отколку од светската развојна помош!

Таква помош им укажуваат мигрантите на своите семејства испраќајќи им пари. Но, испраќањето пари не е сосем едноставно и пред се’ не е секогаш евтино. Михаел Клајн, потпретседател на Светската банка, укажа дека трошоците на трансферот од Германија кон Африка можат да достигнат и до 40 насто од сумата што се праќа. Клајн ќе раководи со меѓународната работна група востановена од самитот на Г8 во Хокаидо. Таа треба да поднесе предлози за подобрување на условите.

Врз основа на платежните биланси на државите, Светската банка пресмета дека годинава ќе бидат трансферирани вкупно околу 300 милијарди долари од мигрантите кон нивните татковини. Тоа е трипати повеќе, отколку официјалната развојна помош на светско ниво. Според Светската банка, трансферираната сума тројно се зголемила од 2000-та година наваму. Тој тренд сега ќе биде прекинат поради финансиската криза, смета Дирк Кранен: „Трансферите од мигрантите нема да опаднат, но развојот нема да биде толку динамичен, колку што беше во последните години, кога се движеше помеѓу 15 и 20 проценти.“

Ältere Migranten Projekt INCULT
Фотографија: INCULT, Barcelona

Трансфер на пари преку мобилна телефонија

Во работната група се застапени и банки. Тие се’ уште мораат да имаат со договор врзана банка-партнер во земјите во кои се испраќаат парите. Цел е сега да се дојде до стандардизирана постапка. Понатаму, тука се одамна и фирми специјализирани за меѓународни транскации, како американската „Вестерн јунион“. Конечно, сосем нови можности се отвораат со испорака преку мобилен телефон. На пример, сумата што треба да се испрати, се плаќа кај фирма за мобилна телефонија во Германија, а може да биде подигната од примателот кај неговата домашна фирма за мобилна телефонија. Работната група мора да се позанимава и со постапката - како да се спречи со уплатување преку мобилен телефон да не се врши перење на пари или дури и да не му се даде поттик на финансирањето на тероризмот.