1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите се исклучок во германската политика

Фарук Шабановиќ/Марта Таневска2 октомври 2013

Во германската политика има многу малку мигранти. Партиите сѐ уште не ги прифаќаат странците, а и мигрантите не се доволно активни. Најмногу странци има на локално ниво, а најуспешни се политичарите со потекло од Турција

https://p.dw.com/p/19O9Z
Фотографија: imago/Caro

Бројот на политичарите со мигрантско потекло во германските политички партии е многу мал во однос на бројноста на оваа популација. Околу четири отсто од политичарите имаат мигрантски корени, додека повеќе од 16 милиони мигранти сочинуваат околу 20 отсто од вкупното население. Дека во политиката има премалку мигранти сметаат и германските политичари, како Армин Лашет, претседател на покраинскиот огранок на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Северна Рајна Вестфалија, а кој претходно работеше на функцијата покраински министер за работа, интеграција и социјални прашања.

„Една граѓанска партија како што е ЦДУ, во своите редови треба да има членови од сите граѓански групи. Сега во покраинската влада го имаме првиот службеник со турско потекло, но има и кандидати за Бундестагот. Ако имате 20 отсто од населението со странско потекло, тогаш ви требаат и повеќе членови со иселеничка позадина. Покрај Турците, ни требаат повеќе националности. На пример, имаме многу малку Босанци“, појаснува Лашет.

Јуратовиќ-позитивен пример

Еден од пионерите во германската политика од просторите на поранешна Југославија, односно денешна Хрватска, е Александар Бранимир Кердиќ. Тој од 1976 година е член на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), а од 1983 извршува партиски функции. Тој истакнува дека е сосема логично политичарите со потекло од Турција да се најзастапени, бидејќи во Германија живеат околу четири милиони граѓани со турско потекло. Тој вели дека, освен некои исклучоци, нема многу странци во политиката.

„На тој план, тие кои најдалеку стигнаа се главно луѓето од Турција. Тие се најголема поединечна група во Германија. Некогаш Југословените беа втори по големина, но бидејќи ја нема веќе земјата, ниту народот, не гледам ниедна друга националност што е близу. Тука би го навел исклучокот, како што е членот на Бундестагот Јосип Јуратовиќ, кој по потекло е од Хрватска. Тој направи кариера за пример како гастарбајтер и потоа како член и службеник на синдикатот. Успеа да се пробие и тоа е голем исклучок што со таа изборна единица влезе во Бундестагот“, смета Кердиќ.

Deutschland Bundestagswahl Migration
Се очекува законот од 2000, за автоматско добивање на државјанство со раѓање, да влијае да има повеќе иселеници во партиитеФотографија: picture-alliance/dpa

Германското општество сѐ уште ги нема прифатено странците целосно

Повеќето политичари со иселенички корени во Германија се потомци на некогашните гостински работници, таканаречени „гастарбајтери“. Тие сметаат дека германската политичка сцена во добар дел сѐ уште е затворена за странците со германски пасош.

„Германските институции понекогаш немаат партнери или им недостасуваат луѓе кои би им биле врска за подобро запознавање на луѓето кои живеат тука. Тоа што може да се забележи е дека и германското општетство сѐ уште сосема не нѐ прифатило нас, мигрантите, како свој составен дел. Нашата цел е да покажеме дека ние сме тие кои добро го разбираме општеството, сакаме да се интегрираме и да го дадеме својот придонес за подобрување на целосната ситуација“, вели Ердин Кадуниќ, политичар со потекло од Босна и Херцеговина, заменик претседател на Унијата на мигранти на ЦДУ во покраината Северна Рајна Вестфалија.

Политичката улога на мигрантите е исклучително важна во денешното германско општество, во кое од политиката се очекува да ги усвои одредбите и законите насочени кон остварување на поголеми права за оваа популација, нагласува Самир Фетиќ, претседател на Советот за интеграција во градот Есен и член на Зелените, кој исто така има босански корени.

Josip Juratovic
Членот на Бундестагот Јосип Јуратовиќ по потекло е од Хрватска и е позитивен пример за мигрантите во германската политикаФотографија: DW

„За нас беше важен чекор кога исламските организации водеа преговори со Министерството за образование во Северна Рајна Вестфалија. По две рунди разговори, натамошните преговори беа под знак прашалник. Ние тука одигравме важна улога и успеавме да постигнеме договор со министерката за образование од партијата на Зелените и исламските организации. После тоа дојде до воведување на исламска веронаука во училиштата“.

Мигрантите треба да бидат поактивни

Граѓаните со странско потекло во политиката се најактивни и најзастапени на локално ниво, каде нивната улога е важна. Меѓутоа, на покраинско и сојузно ниво нивното присуство е речиси незабележливо, вели во изјава за Дојче веле Бранимир Кердиќ.

„Ако ја следите локалната средина, тука се стигна најдалеку и тоа е најдиректното ангажирање. Се работи за канализацијата, плочниците, дрвјата, улиците и брзината со која автомобилите ќе возат на таа улица. Граѓаните се директно вклучени и тука ангажирањето на странците е најголемо“, вели Кердиќ.

За Армин Лашет е многу важен и ангажманот на мигрантите во политичките партии, бидејќи во тие организации и пред стекнување на државјанството, може да се оствари напредок и избор на места и функции во органите на партијата.

Deutschland Parteien CDU Erdin Kadunic
Според Ердин Кадуниќ германското општество сѐ уште сосема не ги прифатило мигрантите, како свој составен делФотографија: DW/F. Šabanović

„Постојат мигранти кои се активни во своите заедници, како што се социјалните проекти и верските организации, но во политичките партии, според мене, тоа е многу малку. Мигрантите во партиите можат да ги користат своите граѓански права и имаат шанса да променат нешто и да се чуе нивниот глас. Мислам дека сите партии на ниво на германскиот парламент (Бундестаг) и Советот на сојузните покраини (Бундесрат), но и градовите, се подготвени за нови политичари-мигранти. И двете страни можат да направат повеќе. Што повеќе иселеници треба да се зачленат во партиите, но и тие мора да се отворат кон мигрантите и да им дадат шанса“, вели Лашет.

Законот кој е усвоен во 2000 година на иницијатива на СПД и Зелените, а според кој децата родени во Германија автоматски добиваат право на државјанство, сигурно, истакнува Фетиќ, значајно ќе влијае на дополнително отворање на германските партии кон мигрантите. Имено, веќе во 2016 година тие деца ќе имаат право на глас во некои покраини на локални избори, а две години подоцна и на изборите на државно ниво. Тогаш се очекува партиите да се борат за нивните гласови со кандидати со мигрантско потекло.

Islamischer Religionsunterricht
Часови по исламска веронаука во училиштатаФотографија: picture-alliance/dpa