1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите не се машини

17 декември 2004

Коментар на Хајнрих Бергштресер

https://p.dw.com/p/AcIx

Никогаш порано во историјата не живееле толку луѓе надвор од местата на раѓање колку денес: имено скоро 180 милиони. Само дел од тој број – околу 20 милиони – важат како вистински бегалци. Инаку, миграции постојано имаше, иако не во толкав број како денес. Но, овој денешен број укажува на нешто посебно, односно на зголемената глобализација. Меѓународната заедница се обидува, врз основа на конвенцијата на Обединетите нации што стапи во сила лани, на феноменот миграција да му даде правни рамки, но досега без поголем успех.

Оваа конвенција досега ја ратификуваа само 27 држави, но на потписниците не им припаѓа ниту една од државите со поголема меѓународна релевантност што е сигнал за редноста што ја имаат мигрантите, иако само во Северна Америка и Европа живеат 100 милиони мигранти. Притоа, воопшто не е можно да се сокријат 180 милиони луѓе, иако многумина живеат невидливо и често илегално без дом меѓу Калкута, Њујорк, Лондон и државите од Голфот.

Мигрантите понекогаш се добредојдени, на пример во САД, посебно кога станува збор за оние што се образувани, имаат менаџерски дух и, ако имаат бела кожа. Но, од времето од кое брановите мигранти од јужните држави го прават мнозинството, се менуваат и ставовите и атмосферата. И тоа не важи само за Северна Америка, туку станува општ феномен. Така да се каже, многумина преку ноќ забораваат дека и самите еднаш имале сличен статус како новодојденци и имале значаен удел за економскиот и културниот развој во новите татковини. Тие носат нови идеи, нов начин на размислување и свежа крв, сето тоа решавачки фактори за заштита од ерозија на општествените системи. Сепак, во извесна смисла модерните мигранти не се ништо друго, туку средство за подмачкување на стопанствата, стока што се користи како машина. Меѓутоа, луѓето не се машини. Тие носат норми, вредности и убедувања кои влијаат и врз околината на државите домаќини. Во таа смисла и мигрантите значајно придонесуваат за светската економска, политичка и културна динамика: како резревна армија искористувана до крв, но и како носители и амбасадори на нови идеи и мислења без што не би биле можни напредок, развој и промени. Конвенцијата на Обединетите нации за мигрантите се обидува сепак, на ова сосема ново сознание да му даде правни рамки. Мал чекор, но сепак почеток кој ги штити мигрантите и го почитува нивниот креативен прилог за светската заедница.

Хајнрих Бергштресер