МЗТ Скопје Аеродром со прва шампионска титула
3 мај 2012МЗТ Скопје Аеродром синоќа со победата над Фени Индустри во Кавадарци од 81:73, односно со вкупни 4:1 во победи го освоија шампионскиот кошаркарски пехар.
Последниот натпревар кој се одигра пред празните трибини во салата „Јасмин“, за гостите од Скопје почна лошо. Фени на самиот почеток направи убедлива предност 17:2, но „Аеродромци“ се вратија во игра по неколку реализирани тројки. Во втората четвртина новиот шампион направи серија од 15:0 и навести дека титулата од Кавадарци ќе се пресели во Скопје. На полувреме гостинскиот тим замина со предност од 43:36, која ја одржуваше во второто полувреме.
Најефикасни во победничкиот тим беа Игор Мијајловиќ со 21 поен, Тони Грнчаров даде 15, Тодор Гечевски 14. Кај Фени Индустри Дарко Соколов со 17 и Кирил Николовски со 12 беа играчите со најмногу постигнати поени.
Големото славје на навивачи на МЗТ Скопје кои натпреварот го следеа на видео-бим во ТЦ „Бисер“ траеше до раните утрински часови, а половина час по полноќ ним им се приклучија и градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски и кошаркарите кои во населбата „Јане Сандански“ пристигнаа со панорамски автобус.
Екипата на МЗТ Скопје Аеродром две децении ја чекаше шампионската титула и сега стана петти тим во македонскиот кошаркарски шампионат која успеал да биде шампион. Претходно титули освојувале Работнички (14), Никол Ферт (1), Струмица (1) и Фени Индустри (3).