1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел со загриженост гледа кон Сирија

Керстен Книп/ Симе Недевски1 ноември 2013

Во Сирија меѓусебно се борат сунитски и шиитски екстремисти, исто како и Ал Каеда и Хезболах. Текот на конфликтот Израел го следи внимателно. Бидејќи, сите овие групи се здружени во омразата кон еврејската држава.

https://p.dw.com/p/1A2HL
Фотографија: Reuters/Baz Ratner

Сирија е бојно поле кое привлекува разни терористи. Сунитските екстремисти се борат за исламска држава против трупите на претседателот Башар ал-Асад. Меѓу нив има борци на терористичката група Ал Каеда и нејзините гранки. На спротивна страна е шиитскиот Хезболах. Борците од Либан сакаат на власт да остане Асад. Бидејќи, заедно со Ирак во кои доминираат шиитите, Сирија претставува географска и политичка оска меѓу Иран и Либан. Ако Асад биде симнат од власт, ќе биде прекината врската меѓу Хезболах и неговиот спонзор Техеран.

Со оглед на затегнатата ситуација во соседната земја, израелската влада се труди да биде политички воздржана. Израелската војска навистина повеќе пати бомбардираше цели во Сирија, но тие напади, како што наведуваат официјални извори, служеле само за заштита на националната безбедност. Цел на нападите било спречување на транспорт на оружје на Хезболах.

07.05.2013 DW online Karte Karussell Israel Syrien Golan eng

Во Израел моментално се размислува за разни сценарија кои би можеле да настапат по завршување на насилството. Во зависност од исходот на војната, еврејската држава мора да се подготви на доаѓање на различни владетели во Дамаск. Секој од нив, така се мисли во Израел, ќе претставува специфичен предизвик. Поради тоа, како што вели Ели Подех, експерт за Бликиот исток од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, дел од Израелците со загриженост го следат развојот на случувањата во Сирија.

Борба меѓу лоши и уште полоши“

Тој меѓутоа наведува дека има и поинакви мислења на луѓето кои тврдат дека моменталната ситуација за Израел и не е така лоша. „За оптимистите граѓанската војна значи дека Сиријците се презафатени со сопствените проблеми и дека не претставуваат опасност за Израел.“
Меѓутоа, јасно е дека тој мир е ограничен. Војната ќе заврши кога-тогаш. Не се знае што ќе се случи потоа. Не се знае ни која е политичката алтернатива на Асад. „Поголемиот број Израелци се надева дека владата во Дамаск ќе биде умерена“, вели Подех.

Irak Syrien Bürgerkrieg Kämpfer von Al Nusra Front
Борци на Нусра ФронтФотографија: picture-alliance/AP

Можни се и други, за Израел не толку поволни сценарија. „Секако ќе биде тешко“, верува политикологот Мордекаи Кадер од Центарот за стратешки студии Бегин-Садат. Бидејќи, Израел нема добар однос ни кон Асад, ни кон џихадистите. Двете страни кога би имале можност би го уништиле Израел. „Ние сметаме дека во Сирија не се води војна меѓу добри и лоши, туку меѓу лоши и уште полоши“, вели Кадер.

Ако на крајот победи опозицијата, не може да се исклучи дека џихадисите кои се борат против Асад ќе го бараат својот дел во распределбата на власта. Тоа, како што вели Кадер, за Израел е една нова ситуација. Бидејќи, со групите како што се Ал Каеда или Нусра Фронт, или организацијата „Исламска држава Ирак и Сирија“, Израел досега немал искуства. „Затоа на некои луѓе во Израел им е помил Асад.“

Асад е ѓавол, но ѓавол кој го знаеме“

Меѓу оние кои мислат така е и израелската влада, наведува понатаму Кадер. Нејзе би ѝ било помило кога Асад би останал на власт. Истото го мисли и експертот за Блискиот Исток Подех: „Асад е ѓавол, но барем е ѓавол кој го знаеме“. Сепак, и доколку Асад остане на власт, за Израел би имало проблеми, вели Кадер. Асад негува блиски врски со Иран. „А Иран за Израел претставува стратешка закана.“

Syrien Kusair am 5. Juni 2013 Syrische Armee Jubel Sieg
Војници на сириската армијаФотографија: AFP/Getty Images

Ели Подех меѓутоа не мисли дека на крајот во Сирија ќе триумфираат џихадистите. За тоа се преслаби. Меѓутоа, „ако Ал Каеда дојде на власт, тоа би претставувало закана за Израел, но и за Западот.“

Ослабениот Хезболах

„Хезболах во Либан навистина е сѐ уште моќна сила, но може да се каже дека неговото влијание во арапскиот свет опадна, затоа што го поддржува режимот на Асад“, вели Подех.

Многу држави со мнознско сунитско население во меѓувреме се против Хезболах, особено поради ангажманот на неговите борци во Сирија: „Имиџот на организацијата е нарушен. Нејзината позиција е ослабена. Тоа е добра вест за Израел и воопшто за Запад“, смета Подех.