1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународниот фактор мора да се занимава со проблемот околу името на Македонија

Ален Леговиќ29 февруари 2008

Денеска во Њујорк на преговарачки маратон се среќаваат претставниците на двете страни под посредување на Метју Нимиц, а на 6. март министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат за поканите за членство во Алијансата.

https://p.dw.com/p/DFgQ
Координаторот на европската надворешна политика Хавиер СоланаФотографија: AP
Меѓународниот фактор е принуден да се занимава со спорот околу името меѓу Македонија и Грција, бидејќи во наредните денови и недели претстојат важни одлуки што се однесуваат на аспирациите на Македонија за членство како во ЕУ, така и во НАТО. Со оглед дека Грција е веќе членка во обете важни организации, таа го наметнува како услов разрешувањето на јазолот со името.


Тема на разговорите неделава во Брисел


Така ова беше тема и на раговорите, што македонскиот Претседател Бранко Црвенковски деновиве ги водеше во Брисел. Координаторот на европската надворешна политика Хавиер Солана позитивно се изјасни околу денешните разговори во седиштето на ОН во Њујорк. На прашањето што мисли за заканата на Грција со вето, Солана возврати:


„Јас не сакам вета, но се надевам дека средбата во Њујорк ќе биде конструктивна и позитивна. Време е да се најде решение и се надевам дека тоа и ќе се случи. Ние ќе соработуваме за остварувањето на таа цел.„


Гостинот од Скопје порача дека спорот со името има билатерален карактер:


„Спорот околу уставното име со Грција можеме да го квалификуваме на секој начин, но не и како безбедносно прашање.„


Во НАТО проблемот се набљудува сериозно


За сериозноста на спорот зборува и фактот што генералниот секретар на НАТО Јап де Хооп Шефер в понеделник ќе лета за Атина за да разговара околу него со министерката за надворешни работи Дора Бакојани. Портпаролот на Алијансата Џејмс Апатураи порача дека се надева оти ова отворено прашање ќе може да се реши по пат на спогодба меѓу страните во спорот. Во НАТО се множат гласовите кои предупредуваат грчкиот став да не се потцени. Грција е многу решителна по ова прашање и таква и ќе остане, дури и ако при тоа биде изолирана, нагласуваат дипломати од Брисел.


За одлуката на НАТО да ја покани Македонија да стане нова членка се потребни гласовите на сите 26 сегашни членки на воениот сојуз. Тоа значи дека Грција би можела да ја блокира задничката одлука на министрите кои се среќаваат на 6. март. Тоа важи и за желбата на Македонија да добие датум за преговори со ЕУ до крајот на годинава.



Европскиот Парламент и Европската комисија апелираат


Надворешно политичкиот одбор на Европскиот Парламент во извештајот за напредокот на Македонија од оваа недела апелираше до обете страни да покажат политичка волја, за проблемот со името да не стане пречка за членството на Македонија во ЕУ.


Сличен е и апелот од Европската комисија:


„Се надевам дека ќе се искористи времето за решавање на ова прашање. Ние во Европската комисија сме свесни за сложеноста на преговорите што се водат под покровителство на ОН и ги охрабруваме обете страни да преземат се‘ за да најдат взаемно прифатливо решение во скора иднина. Добрососедските односи се важен принцип на европската интеграција„ – порача евро-комесарот за проширување Оли Рен.