Меѓународниот кривичен суд пред историска пресуда
14 март 2012Кога судењето против Томас Лубанга беше конечно отворено во 2009 година, еден од првите сведоци раскажа што видел кога еден член на групата на Лубанга се обидел да побегне.
„Младото момче беше убиено кога се обиде да побегне“, одговори сведокот.
Недалеку од него седеше човекот обвинет дека го одобрил убиството- Лубанга, основачот на Унијата на конгоанските патриоти во Демократска република Конго. За време на судењето, Лубанга се однесуваше како да не знае ништо за она што се говори.
Задоволување на правдата
Тој беше уапсен од конгоанските безбедносни сили во 2006. година и оттогаш се наоѓа под јурисдикција на Судот во Хаг. Обвинителството тврди дека во периодот меѓу 2002 и 2003. година Лубанга регрутирал илјадници малолетни деца од областа Итури во источно Конго. Момчиња и девојчиња на возраст меѓу 7 и 15 години биле убивани, користени како војници или како секс-слугинки.
За главниот обвинител Луис Морено Окампо, клучното прашање е да биде задоволена правдата.
„За мене е најважна казната. Овде се работи за деца од кои биле создавани убијци“, вели тој.
Во меѓуплеменскиот судир во Конго кој се разгоре кон крајот на 90-те години на минатиот век, загинаа повеќе од 60 илјади луѓе. Подоцна конфликтот се пресели и во соседните Руанда и Уганда. Лубанга и неговата бунтовничка група се сметаат за одговорни за масакри врз цивилното население.
Идентитетот на сведоците
Во текот на судењето најголема дебата се водеше околу идентитетот на сведоците. Судот на крајот дозволи нивниот идентитет да остане заштитен, на што жестоко се противеше одбраната на Лубанга.
„Треба да се знае дека сите оние кои сведочеа како деца-војници всушност лажеа. Осум од деветмината сведоци никогаш не биле дел од бунтовничката група“, тврдеше адвокатката на Лубанга.
За Меѓународниот суд во Хаг ова е многу важен случај од повеќе причини. Освен што процесот против Лубанга е првиот по формирањето на Судот пред 10 години, ова е и прв случај во кој едно лице се гони поради злоупотреба на деца-војници и може да постави важен правен преседан за други слични случаи.
Лубанга е еден од 20-те осомничени за кои Судот досега издаде налог за апсење. Меѓу останатите се и актуелниот судански претседател Омар Ал Башир, како и синот на екслибискиот диктатор, Саиф Ал Ислам Гадафи.
Автор: Јулија Хан/Борис Георгиевски
Редактор: Симе Недевски