1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународниот кривичен суд да истражува злосторства во Сирија

Александар Методијев/дпа/миа19 јануари 2013

Пет земји-членки на Советот за безбедност во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк изразија поддршка за Меѓународниот кривичен суд да започне истрага за злосторства против човештвото во сириската граѓанска војна.

https://p.dw.com/p/17NMS
Фотографија: AP

Амбасадорите на Франција, Велика Британија, Австралија, Луксембург и Јужна Кореја вчера (18.01.2013) го поддржаа предлогот Меѓународниот кривичен суд да ги истражува злосторствата против човековите права во Сирија. Тие објавија заедничка изјава со поддршка на повикот од страна на Нави Пилај, Висок комесар на ОН за човекови права, за обраќање до Меѓународниот кривичен суд за ситуацијата во Сирија. Тие додадоа дека ја поддржуваат петицијата на 58 земји членки на ОН, со која се бара истрага за воените злосторства и злосторствата против човештвото во Сирија.

„Советот за безбедност треба да одигра улога во поддршката на петицијата“, рече британскиот амбасадор Марк Лајл Грант, нагласувајќи дека 15-те земји-членки на советот за безбедност се поделени за петицијата. Некои од членките тврдат дека доколку МКС ги преземе случаите со злосторствата во Сирија, тоа ќе го натера претседателот Асад целосно да се повлече од напорите за постигнување мирно решение за проблемот.

Според проценката на Пилај, 5.000 луѓе се убиваат секој месец во Сирија со ескалирањето на конфликтот. ОН проценуваат дека вкупниот број на жртвите од март 2011 година достигнал 60.000. Пилај додаде дека малтретирањата и егзекуциите станале вообичаена појава во земјата.